За младинскиот репрезентативен шпиц повеќе нема дилеми. Михаил Талевски е нов фудбалер на екипата на БСК Бања Лука од Босна и Херцеговина. Робусниот голгетер кој ќе остане запаметен по двата финални голови за Вардар во Купот на Македонија пред една година против Струга Трим Љум (2:0), денеска го очекува своето деби за новиот клуб. Екипата од Бања Лука која е нов прволигаш му гостува на Сараево.
„Потпишав тука на една година и сега дури добив право за настап. Се надевам на добра сезона, победи и голови во новата средина…“,
истакна 22-годишниот битолчанец кој е дете на Пелистер а пред 3 години беше откупен од Осијек. По херојскиот настап за Вардар следеше и понуда од белградски Партизан која беше одбиена по што следеа повредите на коленото, за да еве сега Михаил Талевски конечно е во клуб каде може со мирна глава и без притисоци и „игри“ да напредува во кариерата.
Во екипата на БСК настапува и Лука Мисимовиќ кој има настапи за нашите млади селекции и е син на познатиот Звездан Мисимовиќ, сегашниот директор на Борац од Бања Лука. Во Босна и Херцеговина од Вардар во екипата на Радник Бјелина замина и голманот Ќосевски кој беше во тимот на колото во првото коло од новиот шампионат на оваа земја.










