Најбрзиот човек во историјата, Јусеин Болт, потпиша за англискиот аматерски клуб Витеншо Ветс. Трансферот речиси незабележано помина во споредба со големите трансфери во Премиер-лигата, а Болт му се приклучува на тимот кој се натпреварува во деветтиот ранг на англискиот фудбал. Јамајканецот, кој денес има 40 години, уште во јануари најави ваква можност. Дека трансферот е реализиран потврди и Англиската фудбалска асоцијација (ФА), која на својата официјална страница го води Болт како регистриран играч на клубот.
Во друштво на ветерани од Премиер-лигата
Витеншо Ветс е ветерански тим од јужен Манчестер за играчи постари од 35 години, кој стана познат по тоа што во своите редови собира поранешни професионални фудбалери. Болт нема да биде единственото познато име во соблекувалната.
За клубот оваа сезона се регистрирани поранешниот напаѓач на англиската репрезентација и Ливерпул, Емил Хески, некогашниот фудбалер на Евертон, Умар Ниасе, поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Антонио Валенсија, како и напаѓачот на Њукасл, Папис Сисе.
Тука се и поранешните фудбалери на Манчестер сити, Стивен Ајрленд и Недум Онуоха, како и освојувачите на Премиер-лигата Џолеон Лескот и Дени Дринквотер.
Нов обид во фудбалот
Светскиот рекордер на 100 метри (9,58 секунди) и 200 метри (19,19 секунди) е познат како голем љубител на фудбалот и навивач на Манчестер јунајтед. Ова не е негов прв фудбалски ангажман. Пред неколку години се обиде да изгради професионална фудбалска кариера.
Во текот на 2018 година, два месеци беше на проба во австралискиот клуб Сентрал Коуст Маринерс, но соработката беше прекината бидејќи клубот не можеше да му понуди професионален договор. На пријателски натпревар за Маринерс постигна два гола.
Болт тогаш ја одби и понудата од малтешкиот клуб Валета, наводно поради финансиските услови, а тренираше и со норвешки Стромсгодсет и германската Борусија Дортмунд.










