Ташовски: Со игрите и настапите посакувам да стигнам и до А репрезентацијата на Македонија

148

Огнен Чак Дојчиновски

Во пресрет на есенските репрезентативни активности, од секаков карактер, Македонија и не може баш да се пофали дека може да биде задоволна со минутажата, настапите, статистиката, па ако сакате и статусот на поголемиот дел од своите репрезентативци. Дали станува збор за сениорите или, пак, за младинците, нашите национални состави едноставно кубурат со добри игри на индивидуален план.

Сепак, и во тоа колективно неиграње и малата минутажа, едно ново име се појавува на македонското репрезентативно небо, кое што, ете, ни влева надеж и ни дава за право да се надеваме на позитивен развој на настаните.

Васил Ташовски, офанзивниот играч за врска на екипата на Младост Лучани на стартот од оваа сезона доби шанса во стартниот тим и со своите 19 години ја искористи на најдобар можен начин. Ајде што доби сериозна минутажа, туку во последните два дуела постигна и два гола. Го реши дуелот против Земун, погодувајќи во последните моменти за 0:1, а веќе следното коло „завери“ три бода против екипата на Партизан во победата од 3:1.

СпортСпорт е на линија, како и секогаш, со Васил Ташовски и го прави првото интервју со младиот играч за македонската јавност.

„Благодарност што се сетивте на мене. Благодарност за честитките кои што ми ги упатувате. Навистина ми значи во моментов, бидејќи ете, конечно, мојата напорна работа сиве овие години почнува да дава резултати на вистински начин. Дали сум среќен? Како не би бил. Добив шанса, еве ја користам и сè оди во најдобар ред во моментов. Се надевам дека вака ќе продолжи. Головите, минутажата? Сè е во насока на мојот развој. Тие се само уште поголема мотивација да продолжам понатаму…“, вели Васил Ташовски за СпортСпорт.

Момчето кое што поникна во белградски Чукарички, па по краткиот престој во Партизан, своите први сениорски минути ги доживеа и во тимот на Напредак Крушевац.

„Не само јас, и во клубот се презадоволни од она што во моментов се случува. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам за тоа. Навистина ми значи кога некој отворено ме поддржува, ми дава дополнителна мотивација и верува во мене. Ќе вратам најдобро што можам“, додава Ташовски.

Фото: Младост Лучани

Сè уште сум под импресии од голот против Партизан

Изминатиот викенд во Лучани пристигна тимот на Партизан. Сериозен товар за секој тим, екипа, поединец. Но не и за Васил Ташовски и за неговите соиграчи во моментов. Победа од 3:1, самодоверба до небо.

„Уште сум под импресии од тој гол. Награда за сè што работам на тренинг, но и надвор од него. Не би се случил тој гол доколку не беа моите соиграчи. Им благодарам за тоа. Бев дел од Партизан, знам што значи тој клуб, што значи да се биде дел од него, но и да се одигра против него. Сепак, мора веднаш да се сконцентрираме на следното. Нема време за премногу славје. Одиме на следниот меч“, вели Ташовски за СпортСпорт, кој што додава дека во моментов му е важен само следниот настап за тимот на Младост, а сè друго е во втор план.

Македонија? Повик за А-репрезентацијата е голема работа, се надевам дека и тоа ќе се оствари

Конечно, овој разговор со 19-годишниот Ташовски не може да не заврши со едно единствено прашање – репрезентацијата на Македонија. Тој веќе доби повик од страна на селекторот на У20-репрезентацијата, Александар Таневски, и го имаше своето деби, но сега, со оглед на формата на офанзивецот, се создава сосема нова ситуација.

„Што се однесува до репрезентацијата, искрено, мора да видиме како ќе се одвиваат нештата. Се надевам дека со игрите во последно време го свртев вниманието врз себе. Евентуалниот повик за А-репрезентацијата е сериозна работа, голема работа. Се надевам дека и тоа еден ден ќе се оствари. Сепак, за таков голем успех во кариерата ќе мора да продолжам во вакво темпо. Да продолжам да се развивам, да напредувам и да дадам сè од себе, најдобро што можам“, ни вели Васил Ташовски.

ПретходноЗа малку ќе заплачеше: Што се случува со Јамал?!(ВИДЕО)
СледноКарагер: Алонсо беше отпуштен во Реал поради Винисиус