Тоше Ефремов и следната сезона во словенечки Чрнуче

35
фото: balkanvolleyball.org

Македонскиот сениорски репрезентативец Тоше Ефремов и во следната сезона ќе го носи дресот на словенечки Чрнуче. Екипата минатата сезона избори пласман во Суперлигата и се потруди да го задржи костурот на тимот, а меѓу оние кои ја продолжија верноста кон клубот е и Ефремов.

„Многу сум среќен што следната сезона ќе имам можност да настапувам во словенечката Суперлига. Благодарен сум на Чрнуче за довербата и за можноста што ми ја дадоа. Минатата сезона клубот ми даде голема шанса да се покажам и да стекнам важно искуство, а сега сум мотивиран да направам уште еден чекор напред. Чрнуче веќе ми е позната средина, бидејќи со дел од играчите играв и минатата сезона. Тоа ми дава дополнителна мотивација и верувам дека ќе ми помогне уште подобро да се вклопам во екипата. Свесен сум дека Суперлигата носи поголема конкуренција и посилни натпревари, но токму тоа е предизвикот што го барам. Сакам да ја оправдам довербата што ми е дадена, да дадам максимум за екипата и преку секој тренинг и натпревар да продолжам да напредувам. Горд сум што како млад македонски одбојкар имам можност да ја претставувам Македонија и надвор од нашата земја. Целта ми е да продолжам да работам, да бидам сè подобар и со моите настапи да покажам дека и македонската одбојка има млади играчи кои можат да се натпреваруваат на високо ниво. Верувам дека ме очекува одлична сезона и со нетрпение го очекувам новиот предизвик“, вели Тоше Ефремов, кој во моментов посветено се подготвува со националниот тим за учеството во ЕвроВолеј 2026.

За 18-годишниот Ефремов ова ќе биде петта интернационална сезона, втора во Словенија, откако претходно настапуваше и за српски Раднички Крагуевац, односно Рибола Каштела во Хрватска.

Ефремов потекнува од клубот Весна Пробиштип, додека во националното првенство уште има настапувано и за Струмица Никоб.

ПретходноПОТВРДЕНО: Ливерпул потпиша со Баркола со втор најскап трансфер во клупската историја
СледноЧетири златни и три сребрени медали за македонските кикбоксери во Будимпешта