✍Марија Ковачева
Македонската кошаркарска репрезентација ја продолжи победничката серија и во втората претквалификациска рунда за пласман во квалификациите за Европското првенство 2029 година.
Нашите момци во Виена ја совладаа Австрија со 91:59 и направија голем исчекор кон освојување на првото место во групата, во која се наоѓа и селекцијата на Кипар.
Зошто Виена беше посебна од секој аспект?
Македонија пристигна во силен состав. Го имаше главниот диригент Ненад Димитријевиќ, вистински лидер кој едноставно ја прави разликата на теренот. Не е во прашање само трипл-даблот, кој воедно е историски за сениорскиот репрезентативен тим, туку и сигурноста која ја влева кај сите кошаркари.
Со Нено и без Нено – има разлика. Сите покрај него изгледаат многу подобро, а Македонија го има ликот на репрезентација која мора да се респектира.
Дополнителна вредност е Мозес Рајт. Новиот Американец со македонски пасош можеби не го искористи својот целосен потенцијал, но дозираше и „газеше“ онолку колку што беше потребно за противник како Австрија. Со него под обрачите, репрезентацијата ќе ја добие потребната цврстина за вистинските предизвици кои следат.
Стандардните репрезентативци, капитенот Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Адем Мекиќ… заедно со останатите момци, ја создадоа посакуваната слика која сите долго време посакувавме да ја видиме. Недостигаше Андреј Јакимовски за целосно совршенство.
Најважно од сè, Македонија во Виена покажа карактер. Не дозволи натпреварот ниту во еден момент да биде неизвесен, го контролираше ритамот и кога требаше да се направи разлика, тоа го правеше со леснотија.
Ова е можеби и најдобрата слика за оваа репрезентација во овој момент: има лидер, има квалитет, има енергија и, што е најважно, повторно има верба дека може да направи нешто повеќе.
Но, победата немаше да ја добие посакуваната тежина доколку на трибините во „Спорт Арена“ не беше „Фалангата“. Направи прекрасна атмосфера, нешто што кога станува збор за кошарката и националниот тим не се случило одамна.
Начинот на кој им го дадоа потребниот ветер во грб беше совршен. Дојдоа организирани, со сите нишани: од тапани, до знамиња и шалови, а кулминацијата се случи на крајот.
Победата беше прославена заеднички, со фотографии и видеа кои ќе останат запаметени не само за фановите, туку и за самите кошаркари. Момент кој потсети на старите добри времиња.
Со полни срца ја напуштија Виена…
Посакаа и во ноември, на домашен терен, да добијат голема поддршка. Поддршка која ќе биде дополнителен мотив Македонија, на кошаркарски план, да излезе во „магичниот круг“ и конечно посериозно да зачекори кон враќањето на европската кошаркарска карта.
Затоа, Виена не беше само уште една победа, беше порака дека Македонија повторно сака да биде таму каде што ѝ е местото, далеку од претквалификации, а во друштво на европските кошаркарски репрезентации.










