Македонската кикбокс репрезентација забележа одличен настап на 31. Светски кикбокс куп во Будимпешта, освојувајќи четири златни и еден сребрен медал во конкуренција на 2.011 натпреварувачи со 3.012 влеза од 47 земји.
Највисоко на победничкиот пиедестал се искачија Петре Велков, Андреј Смилевски и Калин Бабоски, кои со победи во финалните борби стигнаа до златните медали. Со злато се закити и Туркер Исмаил во дисциплината кик лајт, кој до титулата стигна со максимален учинок – четири победи во четири борби.
Радослав Велески го комплетираше успехот во сениорска конкуренција со освоен сребрен медал. Македонија имаше свој претставник и во судискиот сегмент. Интернационалната судијка Елена Костадиновска беше дел од судискиот тим на престижниот турнир во Будимпешта.
Успешен настап имаа и најмладите македонски кикбоксери на Hungarian Open Cup ’26, турнир за деца и помлади кадети кој се одржува во рамките на Светскиот куп. Митко Чавков освои златен медал во категоријата до 42 килограми, додека Александар Илиев во истата категорија стигна до сребрено одличје.










