Можноста Марио Цвитановиќ да седне на клупата на Вардар отпадна уште во првите 48 часа по најавата дека тренерот од Хрватска имал контакти за да го преземе македонскиот првак.
Од она што го дознаваме, споменатиот тренер се распрашувал кај пријатели од земјава, од кои добил информации по кои одлуката била сведена само на едно големо „НЕ“.
Па така, Вардар по заминувањето на фалениот Кристијан Фабијани сега останува со дел од неговите помошници, што е уште еден показател дека клубот во моментов делува премногу несериозно за домашната сцена.
Она што сега е во фокусот кога станува збор за нов тренер е Миодраг „Гроф“ Божовиќ. Тренер кој беше во плановите на „црвено-црните“ уште пред две години и човек со навистина богата кариера.
Во долгата тренерска кариера, Божовиќ бил на клупата на дури 23 клубови, а последен пат го предводеше составот на Будуќност, каде што се задржа само неколку месеци.
Божовиќ бил тренер на Црвена Звезда, Борац Чачак, Пафос, Естегал, а најмногу работел во Русија, каде што ги предводел Локомотив, Ростов, Амкар, Динамо Москва…
На Вардар под итно му треба нов тренер, а Божовиќ би бил добар избор. Иако, тука постои и таа црногорска „лузерска“ врска која во последниот период го доведе клубот до хаос.















