Силвија Митевска: Борбата против родово базираното насилство е борба за промена на културата на моќта!

29

Марија Ковачева

Вториот дел од разговорот со Силвија Митевска во „Женски Спортски Приказни“ го посветуваме на родово базираното насилство врз жените во спортот. Ова е чувствителна тема за која мора гласно да се зборува, бидејќи многу често жените се плашат, се срамат, размислуваат за последиците, а понекогаш и не го препознаваат моментот.

Родово базираното насилство врз жените во спортот се појавува во неколку форми: физичко, психолошко, економско, сексуално и дигитално насилство.

Митевска, која е експертка по спортска дипломатија и директорка на спортската организација Sport Social Solutions го пренесе нејзиниот стручен став за оваа важна тема. Ги посочи проблемите, навиките кои треба да се менуваат и чекорите кои треба да се превземат.

„Кога зборуваме за родово базираното насилство во спортот, важно е да се прашаме зошто воопшто се случува насилството и кои се условите што му овозможуваат да се појави и да опстојува. Во самиот корен е нерамномерната распределба на моќта. Кога еден има несразмерно поголема моќ, а другиот има помалку можности да се спротивстави, да зборува или да влијае, се создава простор таа моќ да биде злоупотребена.

Ова не е нешто што се однесува само на спортот. Тоа е поширок општествен проблем, кој има свои корени во историската поделба меѓу јавниот и приватниот простор – јавниот простор, моќта, одлучувањето и авторитетот традиционално доделени на мажите, додека жените биле поврзувани со приватниот простор, грижата и семејството. И денес ги чувствуваме последиците од таа поделба. Спортот не е изолиран од општеството; напротив, тој ги носи со себе истите односи на моќ, норми и очекувања.

Затоа, кога зборуваме за насилството врз жените во спортот, не треба да гледаме само на индивидуалниот чин или на индивидуалниот сторител. Треба да го погледнеме и средината во која тоа насилство се случува. Кои правила постојат? Како се применуваат? Кој одлучува? Кој има пристап до моќ и кој има пристап до неформалните мрежи во кои често се носат важните одлуки? И што се случува кога жената ќе проговори?

Тука станува особено важно да разбереме дека институциите не се родово неутрални. Една организација може формално да има правило дека сите се еднакви, дека жените имаат право на глас и дека насилството не се толерира. Но, ако истовремено постојат неформални норми кои го штитат авторитетот на моќните, ако жените се обесхрабруваат да зборуваат, ако нивните искуства се минимизираат или ако од нив се очекува да молчат за да не ја „нарушат атмосферата“, тогаш формалното правило не е доволно.

Затоа, за мене, борбата против родово базираното насилство е и борба за промена на културата на моќта. Не е доволно да имаме статут, протокол или правилник. Тие се неопходни, но мора да постои и организациска средина во која жената ќе знае дека може да проговори, дека ќе биде слушната и дека тоа нема да ѝ донесе дополнителни последици“, вели Митевска.

РАЗЛИЧНИТЕ ФОРМИ НА НАСИЛСТВО ЧЕСТО НЕ СЕ ПРЕПОЗНАВААТ

„Исто така, преку обуките и работилниците спроведени на терен увидовме дека различните форми на насилство често не се препознаваат како такви, ниту од самите спортистки, ниту од тренерите или другите спортски работници. Одредени однесувања, кои можат да имаат елементи на психолошко, вербално или друг вид насилство, се доживуваат како составен и „нормален“ дел од спортот. Ова укажува на поширок проблем на нормализација на насилството во спортската средина, каде што неприфатливите однесувања понекогаш се оправдуваат со ставот дека „спортот бара цврстина“, дека тренерот мора да биде строг или дека притисокот и грубиот однос се неопходни за постигнување врвни резултати. Како резултат на тоа, границата помеѓу дисциплината и насилството, како и помеѓу мотивацијата и неприфатливото однесување, често останува нејасна, што дополнително го отежнува навременото препознавање, пријавување и спречување на насилството“.

НАЈВАЖНО ПРАШАЊЕ НЕ Е САМО КАКО ДА ГИ ОХРБРИМЕ ЖЕНИТЕ ДА ЗБОРУВААТ, ТУКУ ШТО ЌЕ НАПРАВИМЕ НИЕ КАКО ИНСТИТУЦИИ КОГА ЖЕНИТЕ ЌЕ ПРОГОВОРАТ

„Не треба жените да ги гледаме само како жртви. Жената може да биде изложена на насилство и истовремено да има способност да дејствува, да се спротивстави, да побара помош, да проговори и да се обиде да ги промени условите во кои се случило насилството. Но, не треба ниту одговорноста за промената да ја префрлиме само врз неа. Не можеме постојано да бараме од жените да бидат посилни, погласни и посамоуверени, ако институциите околу нив остануваат исти. Затоа мислам дека најважното прашање не е само „како да ги охрабриме жените да зборуваат?“, туку и „што ќе направиме ние како институции кога жените ќе проговорат?“ Ако жената има храброст да каже дека нешто не е во ред, а системот не реагира, тогаш проблемот не е во нејзината недоволна храброст, проблемот е во системот.

И токму затоа превенцијата на родово базираното насилство во спортот мора да биде поширока од санкционирањето на поединечни случаи. Мора да ги менуваме и формалните правила и неформалните норми, начинот на кој се распределува моќта, начинот на кој се носат одлуките и културата во која жените работат и спортуваат. Само тогаш можеме да зборуваме за спортска средина која не е само формално безбедна, туку навистина безбедна и еднаква“.

И тука не зборуваме за нешто што не знаеме како да го решиме. Имаме добри практики од Европа и знаеме кои механизми треба да постојат. Персоналот треба да бидат родово сензитивизиран и обучен да препознава и соодветно да реагира на вакви ситуации. Но, исто така, секоја институција треба да има јасно определено и обучено лице кое ќе знае како да постапува со доверливи информации, како да ја заштити жената која пријавува и како соодветно да го активира институционалниот механизам за реакција“.


Во продолжение можете да ги прочитате заклучоците од истражувањето кое за цел има да ги истражи искуствата, препознавањето на различните форми на родово базирано насилство врз жените во спортот, нивото на свесност кај спортистките, видливоста и механизмите за заштита. Оваа анализа ја подготвија Бојана Јовановска ескпертка за родова еднаквост и РБН (Родово Базирано Насилство) и Силвија Митевска.

 *Законот за спорт не предвидува одредби поврзани со родовата еднаквост, ниту механизам за пријавување и заштита. 

*34,8 % од испитаничките велат дека често е застапено вознемирувањето врз спортистките, додека пак 52.2% дека е ретко.

*Најчеста форма на вознемирување се навредливи и понижувачки коментари (61.9%) и Агресивно и застрашувачко викање (35.4%). Истите најчесто доаѓаат од навивачи, тренер/тренерка или соиграч/соиграчка/друг клупски член и тоа за време на натпревари.

*Случаите често се пријавувале кај тренерот или тренерката или друго лице во клубот (администрација) Само 7.7% кај одговорно лице за заштита (сејфгардинг), голем дел од федерациите и ден-денеска немаат нанзачено вакво одговорно лице кое е обучено за родово базирано насилство врз жените во спортот.

*Причина зошто не го пријавиле: Не го сметале за сериозно (61.4%), Не верувале дека нешто ќе се промени (51.8%) и немале довербаа во институциите (20.5%).

*67% од испитаничките не знаат дали федерациите имаат назначено лице или механизам за заштита, само 13.9% се запознаени со оваа информација.

*48% од федерациите учествувале на обука, 44% не.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноЏани му „врати“ на Чеферин: ФИФА со сериозни обвинувања до УЕФА
СледноОдбојкарите подготвени одат на Европско: Португалија и Израел се наша шанса, нема предавање ни против светските велесили