Македонскиот шампион, тимот на Вардар вечерва во рамките од новото коло од ПМФЛ шампионатот на домашен терен го совлада Арсими со 2:0.
Овој вовед е доволен како објаснување за настаните на теренот. И толку. Се друго важно се случуваше на трибините.
Онаму каде што започна „војната“ на навивачката група Комити со првиот човек на ФК Вардар, Миленко Неделковски. „Акција“ со работен наслов „Оди си Миленко“ во која Комити одлучија се додека е тој на чело на клубот да не присуствуваат на мечевите на својот омилен клуб.
Со громогласно навивање против, напуштање на стадионот во второто полувреме, јасно ставија до знаење најверните навивачи на Вардар на што се се подготвени. На целосен бојкот. И точка. До последно. Додека Миленко Неделковски не си замине. Тензиите што туку почнаа. Како и новиот тренер, Миодраг Божовиќ Гроф.
„Грофе“ некој требаше да те предупреди пред да дојдеш. Дека во Вардар се спрема „војна“. Дека тој што те донел е веројатно најомразената личност во Скопје. Дека ти во таа „војна“ ќе бидеш колатерална штета, ма какви и да резултати постигнеш. Како и пет – шест тренери пред тебе. Дека оваа, а и било која твоја победа во иднина нема да биде прославена од никого. Дека ќе бидеш сам, и дека нема да има кој да те одбрани кога ќе ти треба тоа. А ќе ти затреба верувај. Зошто овој клуб е напаѓан одсекаде. Од надвор, од страна, одвнатре. Од секаде. Таква му е судбината. А тебе ти е судено да станеш тренер на Вардар без промоција, без сликање, без прес конференција, без новинарски прашања, што, како зошто….
Те спуштија на ниво како оние нашите „дежурни“ второлигашки тренери и позната, „абе дојдов да помогнам“, што стануваат тренери во сабота наутро, а веќе попладне се на натпревар.
Требаше некој да ти каже дека Вардар во моментов е клуб – човек. Дека се преговара со играчи со фразата, „ова е држаен проект“, дека се носат засилувања од видео клипови и „шеми“ од типот, „ovaj je chudo“…..дека работата не е како што треба….
Требаше да ти кажат, не ти кажале, ама и сам ќе дознаеш.















