Единствено Васе Михаилов и како играч и како тренер учествувал на ЕП

31

Помошникот тренер во А националниот тим на Македонија, Васе Михаилов е единствениот кој ќе може да се пофали дека и како играч и како тренер учествувал на едно Европско првенство.

Михаилов како играч, на позицијата либеро, настапи на ЕвроВолеј 2021 во Тампере, Финска, а беше дел и од тимот кој дебитираше на ЕП 2019 во Љубљана, Словенија, а потоа стави крај, прво на репрезентативната, а потоа и на играчката кариера. Од минатата година тој премина во тренерски „води“ и доби шанса од ОФМ и од селекторот Јошко Миленкоски да работи во сениорската репрезентација како еден од неговите асистенти. Сега тој е дел од македонската делегација во Софија и може да се пофали дека засега е единствениот кој и како играч и како тренер бил дел од еден контенентален собир.

Во продолжение и други интересни факти и податоци за македонската репрезентација и нејзините настапи на ЕвроВолеј.

  • За селекторот Јошко Миленкоски ова ќе биде трет ЕвроВолеј. Вторпат по 2023 година како предводник на Македонија. Претходно на ЕП 2017 тој беше селектор на Турција со која стигна до плеј-офот;
  • Либерото Филип Јованов првпат повик во А тимот доби во мај годинава, а по одличниот настап во Европската лига 2026, ќе дебитира и на ЕвроВолеј 2026;
  • Покрај Јованов премиерно на едно ЕП во тимот ќе бидат и техничарот Давид Стојанов, коректорот Кристијан Илијев и средниот блокер Михајло Мирасчиев, додека во стручниот штаб ова е прв ЕвроВолеј за помошникот тренер Кристијан Ристески, како и физиотерапевтот Дино Попоски;
  • Со дури четворица од вкупно петте противници во групната фаза: Бугарија, Португалија, Украина и Израел, Македонија ќе игра за првпат на ЕвроВолеј. Досега единствено сме се соочиле со Полска во групната фаза на ЕП 2023 во Скопје, кога загубивме со 3:0;
  • Во пресрет на ЕвроВолеј 2026 Македонија учествуваше во Европската лига 2026 каде одигра шест натпревари со скор од три победи и три порази. Ги победивме Луксембург, Исланд и Косово – репрезентации кои нема да настапат на ЕП 2026, додека загубивме од Холандија, Грција и Израел, кои се учесници на ЕвроВолеј 2026;
  • Македонија е може да се пофали дека играла четири финалиња во Европската лига: 2015, 2016, 2017, како и финалето во Сребрената Европска лига во 2021, но сите ги загубила. Единстевно Турција (три победи и два порази) може да се пофали дека има повеќе финалиња од неа (едно во Европската лига и четири во Златната Европска лига) 
ПретходноЛацио славеше и во Удине за “три од три“