Директорите на Комо се откажаа од своите места за највозрасните навивачи да го гледаат мечот со Лајпциг

138
ФОТО:facebook.com/como1907srl/

Фудбалот понекогаш покажува дека не е сè во резултатите, парите и славата. Тоа го потврди италијанскиот Комо, кој направи несекојдневен потег пред својот историски деби-настап во Лигата на шампионите.

Претседателот на клубот Мирван Суварсо и неколку други членови на раководството решија да се откажат од своите билети за натпреварот против РБ Лајпциг, за нивните места да ги добијат највозрасните навивачи на Комо кои останале без билет. Натпреварот против Лајпциг, кој ќе се игра во четврток, е првиот натпревар на Комо во Лигата на шампионите во 119-годишната историја на клубот. Интересот е огромен, а билетите се целосно распродадени.

„Решивме да ги отстапиме нашите места на навивачи кои најдолго чекале – на оние родени во 1950 година или порано, кои го следеле Комо низ сите дивизии и низ сите епохи“, порача Суварсо.

Потегот добива уште поголемо значење ако се знае низ што поминал клубот. Комо двапати банкротираше во последните две децении, но потоа започна неверојатен подем. Во период од само шест години оствари три промоции, а во 2024 година се врати во Серија А по пауза од 21 година.

Минатата сезона, под водство на Сеск Фабрегас, Комо го освои четвртото место во италијанското првенство и за првпат обезбеди пласман во елитното европско натпреварување.

Историскиот натпревар ќе се одигра на „Џузепе Синигаља“, кој во текот на летото беше реновиран за да ги исполни условите на УЕФА. Стадионот има капацитет од околу 12.000 места, но за натпреварите во Лигата на шампионите бројот е дополнително намален за околу 1.000 седишта поради оперативните и телевизиските барања на УЕФА.

ПретходноОфицијално: Ѓорѓи Мојсов е нов тренер на српски Земун
СледноМите Цикарски е нов фудбалер на Пелистер