Машката одбојкарска репрезентација на Македонија попладнево во софиската арена „8888“ го почнува својот четврти настап на Европските првенства. Во изминатите неколку години Македонија потврди дека и во одбојката израснавме во вистински спортски бренд, испишувајќи ги најсветлите страници на домашниот колективен спорт.
Гледано низ призмата на досегашните три евро-учества (2019, 2021 и 2023), секој прв натпревар на овие шампионати служеше како посебен тест за карактерот, зрелоста и храброста на македонските репрезентативци предводени од капитенот Никола Ѓоргиев. На ЕП 2019 огненото крштевање го имавме на 12 септември против моќната репрезентација на Финска, во меч кој го загубивме со 3:1 (25:23, 25:22, 23:25, 25:21).
Вториот последователен европски настап во 2021 година, започна во финскиот град Тампере. Ждрепката повторно ни додели тежок предизвик на стартот – повторно селекцијата на домаќинот Финска, која ја имаше поддршката од неколку илјади навивачи. Финците го добија тој меч со тесни 3:1 (25:20, 25:15, 24:26, 25:22).
Круната на оваа генерација се случи во септември 2023 година, кога спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје беше центар на европската одбојка. Првиот меч од групата Ц против Данска донесе неверојатна емоционална експлозија и притисок кој мораше да се надмине пред полните трибини. Македонија тргна со победа од 3:1 (22:25, 25:22, 25:19, 25:22) и го најави својот историски пат кон 1/8-финалето.
Денеска против светскиот вицешампион Бугарија го почнуваме четвртиот настап на континенталните собири. Силата на ривалот е добро позната во светски рамки, а нашиот селектор вели дека мораме внимателно да влеземе во исклучително тешкиот меч.
„Ги одработивме последните два официјални тренинзи и се наоѓаме непосредно пред натпреварот со еден од фаворитите во оваа наша група, за која знаеме дека е една од најтешките групи на ова Европско првенство. Се сретнаме во хотелот со сите, мислам, европската и светската елита на овој наш спорт. Импресиите се позитивни. Мислам дека сите живееме за ова Европско првенство, за првите впечатоци кои ќе ги доживееме на спектакуларното отварање, затоа што на натпреварот со Бугарија не очекува една неверојатна атмосфера, полна сала од 12.000-13.000 гледачи. Каде ги гледаме шансите? За нас ќе биде голема сатисфакција, ако ја одиграме нашата најдобра игра, а со најдобра игра се разбира, очекуваме и позитивен резултат. Позитивен резултат за нас би било освојување на некој сет или сетови со тесни поени, што нема да биде лесно, затоа што реков дека се работи за светскиот вицешампион, кој игра на домашен терен, пред својата публика. Се надевам дека атмосферата ќе не понесе и нас и најважно е да играме како што знаеме, да не се оптоваруваме со името на противникот, противничките играчи и така дека со ладни глави да влеземе во натпреварот“, вели селекторот на нашата репрезентација, Јошко Миленкоски.
Судии на мечот ќе бидат Доминга Лот од Италија и Чанер Чилдир од Турција.










