Куманово ќе биде домаќин на Суперкупот, но и на завршницата на Купот на Македонија

77

Општина Куманово и Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска потпишале Меморандум за соработка, со кој дополнително се зајакнува партнерството меѓу двете институции, а во прв план е ставено организирањето на Суперкупот на Македонија.

Како дел од договорената соработка, изразена е намера Суперкупот на Македонија во машка и женска сениорска конкуренција да се одржи во Куманово на 26 или 27 септември 2026 година.

Меморандумот го потпишале градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и претседателот на КФМ, Томе Главчев. Во изјавата на Димитриевски објавена на социјалните мрежи се вели:

„Денеска, заедно со претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Томе Главчев, потпишавме Меморандум за соработка со кој дополнително го зајакнуваме партнерството меѓу Општина Куманово и КФМ.
Нашата заедничка определба е јасна – да создаваме подобри услови за развој и унапредување на кошарката, спортот и спортските вредности, како и да го афирмираме Куманово како град со богата спортска традиција и потенцијал за организација на големи спортски настани.
Особено ме радува што, во рамките на договорената соработка, заеднички изразивме намера Суперкупот на Македонија во машка и женска сениорска конкуренција да се одржи во Куманово на 26 или 27 септември 2026 година.
Дополнително, Куманово ќе биде домаќин и на завршните натпревари од Купот на Македонија во 2027 и 2028 година, во машка и женска сениорска конкуренција.
Ова е уште една потврда дека Куманово има капацитет, инфраструктура и потенцијал да биде домаќин на натпревари и спортски манифестации од највисок ранг.
Како локална самоуправа, продолжуваме со континуирани инвестиции во реконструкција, модернизација и унапредување на спортските капацитети, создавајќи подобри услови за нашите спортисти, клубови и граѓани, но и можности Куманово да биде домаќин на значајни домашни и меѓународни натпревари.
По потпишувањето на Меморандумот, ја посетивме спортската сала во Куманово, каде што ќе се одржуваат натпреварите, при што ги разгледавме условите и капацитетите за организација на првенствата.
Продолжуваме заедно да го развиваме спортот и да го градиме Куманово.“
ПретходноСкопје повторно станува центар на европското и светското џудо!
СледноАлен Луис повторно во дресот на ТФТ