Кошаркарската федерација на Македонија одржа работен состанок со претставниците на клубовите – членки на Здружението на клубови од Женската Прва лига, на кој беа разгледани повеќе прашања поврзани со организацијата и подготовките за новата натпреварувачка сезона 2026/2027.
Состанокот се одржа во просториите на КФМ, а во фокусот на разговорите беа теми од значење за непречено организирање и спроведување на натпреварувањето во претстојната сезона.
На состанокот беа разгледани системот на натпреварување за сезоната 2026/2027, термините за почеток на сезоната, како и прашања поврзани со организацијата и текот на натпреварувањето.
Во новата натпреварувачка сезона во женската Прва лига ќе се натпреваруваат осум екипи, кои ќе се борат за пласман и што подобар резултат во сезоната 2026/2027.
Претставниците на клубовите ги разменија мислењата, предлозите и ставовите во однос на прашањата поврзани со претстојната сезона, кои ќе бидат земени предвид во понатамошното постапување на надлежните органи на КФМ.
Во рамките на работниот состанок беше реализирана и ждрепката на натпреварувачките броеви,со која беа формирани двојките за првото коло од новата сезона во Женската Прва лига, кое е предвидено да се одигра на 10/11 октомври 2026 година:
Вардар – Крива Паланка
Пробаскет – Бадел 1862
Гевгелија – Патриот
МЗТ Бела Вода – Баскет Кам










