Фудбалските натпревари во Холандија ќе бидат веднаш прекинувани доколку на трибините се употребат експлозивни средства, одлучено е на состанокот на претставници на Холандската фудбалска федерација, јавното обвинителство и Министерството за безбедност.
Одлуката доаѓа по инцидентот на натпреварот меѓу Камбур и Феенорд минатиот месец, кога гостинските навивачи фрлаа експлозивни направи, при што беа повредени неколку гледачи. Дел од нив се здобиле со изгореници, повреди на очите и оштетување на слухот.
„Од сега правилото е јасно – доколку се користат експлозивни средства, натпреварот веднаш завршува и сите на стадионот можат да си заминат дома“, изјави холандскиот министер за безбедност Дејвид ван Вил.
Холандските власти најавија и построго спроведување на постојните мерки против нередите на стадионите.










