Четвртото учество на ЕвроВолеј во низа машката одбојкарска репрезентација на Македонија го заврши во групната фаза. Македонија беше дел од групата Б во Софија, најсилната група на годинешното континентално натпреварување со три изразени фаворити – бранителот на титулата Полска, светскиот вицешампион Португалија и една од топ-10 селекции во светот, Украина, како и Португалија и Израел – ривали преку кои ја гледавме нашата шанса за пласман во осминафиналето.
Сепак Македонија учеството на ЕП го заврши на петтото место во групата Б, со една победа над Израел, во последното коло, која донесе радост како за крај, но истовремено значеше и три освоени сета и три бода на контото, со кое најверојатно ќе се најде на 20-тото место во генералниот пласман.
Селекторот Јошко Миленкоски успеја да ги сумира впечатоците од вториот ЕвроВолеј на кој ја предводеше Македонија и да даде завршна анализа за учеството.
„Македонската одбојкарска репрезентација го заврши своето учество на уште едно, четвртото по ред Европско првенство. Самиот факт што повторно беше во друштво со дел од најдобрите европски и светски репрезентации може да се каже дека е една голема сатисфакција особено за вложениот труд, напорните подготовки, претходно постигнатите резултати и неспорниот квалитет. Трите големи фаворити во групата – Полска, Бугарија и Украина веројатно ќе беа први во било која група и да играа на ова ЕП, сигурно тоа ќе го потврдат и со резултатите во понатамошните натпревари на континенталниот собир. Фактот дека во овие селекции играат голем дел најдобрите светски одбојкари и даваше уште поголема тежина на групата. Со своите игри тие го потврдија и квалитетот и голем потенцијал кој го поседуваат. Од друга страна Португалија, особено Израел се исто репрезентации од европска класа, честопати учесници во самите завршници од Златната Европска лига. Тоа се факти кои неспорно покажуваат дека Македонија играше во најтешката група на ЕП, но без оглед на тоа во било која група и да бевме, пласманот можеби ќе беше ист. Сепак ова е ЕП и тоа е собир на најдобрите од светот на одбојката. Самиот факт дека осум екипи од 16 до 24 место се со ист број на победи и ист или помал број на поени од Македонија може да биде голема сатисфакција и задоволство. Сепак исто или подобро постигнување од Холандија, Израел, Шведска, Словачка, Швајцарија, Турција… би требало да го окарактеризира нашиот настап како објективно постигнување. За сево ова зборуваат фактите, бројките, статистиката и табелата“, коментира Миленкоски и продолжува:
„ Што се однесува до случувањата на самиот терен видео анализите покажаа дека имаше и добри и лоши моменти во текот на натпреварите. Во некои фази од играта и во одредени елементи бевме рамноправни со противниците, додека во некои елементи како сервисот и приемот – инфериорни, особено со трите најдобри репрезентации во групата. Сервисот на оние играчи од топ-класа, сервис од 125-130 километри на час ни претставуваа голем проблем. Тоа е силина на сервис која ниту машините за сервис кои ги користиме на тренинг не ја достигнуваат. Нашите примачи и либерата играат во националното првенство каде што ни приближно нема такви сервиси и беа ставени во навистина тешка ситуација. Но реалноста е дека и во меѓусебните дуели на овие репрезентации бевме сведоци на многу поени од ас сервиси и тоа е еден нов тренд во одбојката кој мора и ние да го следиме. Се друго беше во рамките на очекувањата и реалните можности на нашите репрезентативци. Можам да искажам само пофални зборови за односот, залагањето, желбата, мотивацијата и одговорноста која ја покажаа кон националниот дрес. Зборувам од името на комплетниот стручен штаб дека сме благодарни за се што е постигнато во изминатиот период. А постигнато е многу – четврто Европско првенство во низа и континуирано учество низ годините во Европската лига, за една релативно мала Федерација и репрезентација. Гледано од оваа перспектива можеби можело и повеќе, но од друга перспектива, по некое време мислам дека ќе почувствуваме што значело и самото учество на вакви големи манифестации.“
Репрезентативците веќе се вратија дома и по кус одмор ќе се приклучат на своите клубови во подготовките за новата сезона.










