Денеска од 18 часот на програмата е последниот меч од 8.коло. Брегалница во Штип пред своите фанови, под светлоста на рефлекторите, го пречекува составот на Скопје. Тоа е тимот кој засега единствен е без победа и е на последното место на табелата со само 3 бода. Тоа е најслабиот тим во лигата, барем во изминатиот дел од сезоната.
Секако дека Брегалница по она реми 2:2 во Кратово во минатото коло сака да покаже дека има квалитет во своите редови, сака да им се врати на победите пред своите фанови. Под Исарот паднаа Арсими и Башкими, трите бода ги однесе Шкендија Арачиново, но токму тој меч со Силекс на гости и тоа како покажа дека штипските „сини“ имаат во себе квалитет да им се вратат на победите. Се чини дека денешниот меч со „пиратите“ е голема шанса за такво нешто. Од друга страна ова е шанса и за гостите конечно да покажат зошто се во ПМФЛ и конечно да дојдат до својата прва победа.
Натпреварот меѓу Брегалница и Скопје ќе го суди Стојанче Трпчевски.
По овој меч следува пауза од прволигашките натпревари од три недели поради настапот на нашата репрезентација во Лигата на Нации.















