Македонскиот тенисер Калин Ивановски успеа да го мине првото коло на ИТФ турнирот што се игра во чешкиот град Пардубице за награден фонд од 30.000 американски долари.
Тој го победи домашниот тенисер Патрик Хомола со 2-0 во сетови (64 64).
На стартот од мечот имаше два брејк гема, прво Ивановски го загуби својот, но веднаш го врати со ри-брејк. Клучниот гем во првиот беше седмиот кога Ивановски направи брејк по 18 одиграни поени.
Во вториот сет клучниот гем беше осмиот кога по 16 одиграни поени македонскиот тенисер изедначи на 4:4, а успеа да спаси три брејк топки. Во следниот гем веднаш направи брејк за водство од 5:4. Во последниот гем Ивановски не загуби поен и мечот го заврши со ас сервис.
Во следното коло Ивановски ќе игра против Клаус Пенинг од Германија, кој го елиминира Мартин Сукал од Чешка со 2-0 во сетови.










