Никола Јокиќ со години наназад е еден од најдобрите ако не и најдобар кошаркар во најсилната лига во светот. Јасно е дека поради неговите настапи за Денвер во НБА, тој е мега популарен во светски рамки.
Но како што самиот признава, таа популарност него лично му пречи.
Тој е познат по тоа што ги поминува летата во својот роден град Сомбор, далеку од гламурот на НБА, каде што ужива во коњски трки и приватност.
„Популарноста ми пречи сè повеќе. Ова ќе звучи грубо, но станувам сè погруб и погруб кон луѓето што ми приоѓаат. Искрено, исцрпувачки е. Некои луѓе околу мене го знаат тоа, не се фотографирам затоа што е мое време. Повторно ќе звучам грубо, но што можам да направам? Поминаа 11 или 12 години и доста“, рече Јокиќ.
Тој објасни дека особено се нервира кога луѓето го фотографираат на јавни места без да прашаат.
„Едноставно се чувствувам тажно. Секогаш кога одите во бар, ресторан или натпревар, луѓето едноставно ги вадат своите телефони и се обидуваат да ве фотографираат. Тоа е навистина грубо. Не е како да се обидувам да се покажам. Јас само сум тоа што сум и го живеам својот живот“, додаде тој.










