Од Ѓорѓев до Масларов, Македонија и Швајцарија имаат „тесни“ репрезентативни врски

101

СпортСпорт деновиве веќе напиша текст во кој се осврна на во моментов членовите на фудбалската репрезентација на Швајцарија, која што е наш противник на стартот од Лигата на Нациите в сабота на Арената Тодор Проески, Ардон Јашари односно Адриан Бајрами. И обајцата со потекло од Македонија кои што ете одлучија да настапуваат за Швајцарија, земјата каде што се родени.

Од друга страна пак, во минатото сме имале доста примери на оваа тема, кои што можеме да ги оцениме како позитивни. Односно, на играчи кои што ја започнале својата репрезентативна кариера во дресот на Швајцарија, а потоа се решиле да го променат спортскиот пасош и да настапуваат за Македонија. Одиме со ред.

Ѓорѓев како најубав пример за нас

Највреден да се спомене, и единствен кој што го стори тоа, а потоа стигна и до А репрезентацијата на Македонија е Никола Ѓорѓев. Некогашниот супер талент на Грасхоперс имаше сериозна улога во младинските селекции на Швајцарија, се до генерацијата У19. Преку дваесет настапи, за да потоа се реши да настапува за Македонија. Напаѓачот беше дел од историскиот македонски насташ на ЕП за млади во Полска, каде што беше и стрелец во дуелот со Србија и оние легендарни за нас 2:2.

Потоа, сега веќе 29. годишниот напаѓач заигра на пет мечеви за А репрезентацијата на Македонија. Промени неколку клубови и во моментов е дел од тимот на Ксамакс.

Од друга страна пак, во младинските селекции на Македонија, по успешниот период минат во Швајцарија У17, У19, У20, во тој период огромниот талент исто така на Грасхоперс, Амел Рустемоски исто така се одлучи за Македонија. Заигра за У21 генерацијата за нас, но никогаш не доби повик за А националниот тим.

Во оваа категорија го ставаме и некогашниот голман на Грасхоперс, Сенад Мујовиќ кој што исто така имаше официјални настапи за младинските селекции на Швајцарија, за потоа да и каже „да“ на Македонија.

Луан Абази мораше да покаже повеќе

Големи очекувања пак имавме и од некогашниот член на екипите на Вил односно Сент Гален, напаѓачот Луан Абази, кој што по настапите за Швајцарија У17, пристигна во дресот на Македонија. Стигна и до У21 квалификациите под водство на селекторот Драган Канатларовски, но иако има само 24 години во моментов настапува во петтиот по ранг лигашки фудбал во неговата родна земја, за екипата на Дарданиа.

Следуваат и играчи кои реално не оставија преголем впечаток во националниот дрес на Македонија, а тоа се на пример, Бурим Абдулахи, некогашниот играч на Сервет, кој што не ја разви фудбалската кариера на најдобар можен начин. Сеуште имаме верба во Мухамед Куртиши, играчот на Базел кој што е дел од У21 составот во моментов на овој тим и кој што имаше настапи за Швајцарија У15, но Македонија го презема минатата година.

Масларов како најнова придобивка

Конечно, Илија Масларов е последниот во редицата кои што одлучија Македонија да биде негов национален тим. Играчот на Лигано, на позајмица во Раперсвил-Јона до У17 генерацијата беше „Швајцарец“ за да потоа пристигне во нашиот државен табор.

Членот на Сервет У21, Грегоријан Михајловски настапи на дури 12 мечеви за У17 македонската репрезентација, но во моментов е на У18 списокот на Швајцарија.

 

 

 

 

Претходно„МОТОЦЕНТАР“ ГИ ПРЕТСТАВИ БРЕНДОВИТЕ DUNLOP И FALKEN: НОВА ЕРА НА СУПЕРИОРНИ ПЕРФОРМАНСИ И БЕЗБЕДНОСТ НА ПАТИШТАТА
СледноДрама на првиот меч на „Трофеј Македонија“ помеѓу Хрватска и Црна Гора!