Претсезонски семинар за судии, делегати и контролори пред почетокот на сезоната 2026/2027

21

Судиската комисија и кошаркарската федерација на Македонија го организираат претсезонскиот семинар за судии, делегати и контролори, кој ќе се одржи од 25 до 27 септември 2026 година, во хотел „Дрим“ и спортската сала „ТИМИ“.

Семинарот претставува важен дел од подготовките за новата натпреварувачка сезона, со богата работна агенда која опфаќа теоретска и практична работа, физички и теоретски тестирања, видео-анализи, како и презентација на новините во правилата и судиската работа.

Програмата започнува на 25 септември, со пристигнување и регистрација на учесниците, по што во вечерните часови ќе биде одржано свеченото отворање на семинарот.

Првиот ден ќе биде заокружен со кратка работилница наменета за судиите кои првпат учествуваат на семинарот.

Во сабота, 26 септември, судиите ќе го започнат работниот ден со физички „Легер“ тест, додека за контролорите и делегатите е предвиден осврт на работата и контролите од минатата сезона, како и насоки за претстојната.

Централниот дел од семинарот ќе биде посветен на стручни предавања и работилници, на кои ќе бидат обработени повеќе значајни теми поврзани со судиската работа и примената на правилата.

Меѓу предавачите се Мануел Мацони и Миодраг Личина од ФИБА Европа, како и Петар Денковски, национален инструктор при КФМ, кои ќе говорaт за развојниот пат на судиите, дисруптивната и флагрантната грешка, промените поврзани со моментот на шут, покривањето на играта, техничката грешка, контрола на играта и комуникација под притисок, како и новите судиски знаци, ознаки во записникот и промените во правилата за IRS.

Неделната програма, 27 септември, продолжува со видео-работилница, анализа на работата на службените лица од минатата сезона и препораки за новата сезона, по што семинарот ќе биде заокружен со теоретски тест за судии, делегати и контролори.

Претсезонскиот семинар е дел од подготовките на КФМ за успешно спроведување на натпреварувањата во сезоната 2026/2027, со цел навремено запознавање на службените лица со новините, унапредување на нивната работа и обезбедување единствен пристап во примената на правилата на кошаркарската игра.

ПретходноПРЕКУ ЕДУКАЦИЈА И ПРЕВЕНЦИЈА ДО ПОГОЛЕМА СВЕСНОСТ ЗА ОДГОВОРНОТО ИГРАЊЕ ИГРИ НА СРЕЌА
СледноИвановски застана во второто коло во Пардубице