Вечерва почнува новото издание од Лигата на нации и дебито на Македонија во лигата „Б“. Во Скопје од 20:45 часот гостува фаворитот во групата, селекцијата на Швајцарија која го има првиот меч по добриот настап на Мундујалот ова лето и болната елиминација од Аргентина во нокаут фазата преку продолженијата.
Македонија и Швајцарија во првата фудбалска битка и под „скенерот“ на заедничкиот Александар Митрески. Нашиот поранешен репрезентативец кој има настап за младите селекции на Швајцарија и фудбалер кој е дете на Јанг Бојс од Берн и играч кој стана првак во 2002 година со Грасхоперс. Еден од најдобрите коиго носел со гордост и со срце дресот на Македонија а е фудбалер од нашата дијаспора.
„Тука сум во Берн со фамилијата, земав тренерска „А“ лиценца, но не работам во фудбалот иако сум во тек со настаните ги следам сите настапи на нашата селекција но и на Швајцарија“, беа првите зборови на Александар Митрески со кого не сме се чуле со години и години а го носеше дресот на Македонија 33 пати и тоа во периодот од 2002 до 2008 година.
За квалитетот на Швајцарија, нивната сила и неиграњето на Џака!?
„Да бидеме реални. Многу, многу се јаки и се големи фаворити вечерва во Скопје. Мурат Јакин е селектор пет години и има создадено многу добра атмосфера и хемија во тимот. Долги години се заедно, играат добро и според мене зад себе имаат добар настап на мундијалот и таа кобна елиминација од Аргентина во продолженијата. Овдешната јавност очекува прво место во групата и битка со Шкотска за таа позиција. Без разлика на тоа што имаат неколку откази и повредени играчи како и казнетиот Емболо. Ротацијата е голема, играчите им играат во големи екипи. Тоа што не им игра Гранит Џака може да е проблем ама минимален. Сепак тој е лидер, капитен и човек кој знае да „нагази“ кога на екипата не и оди. Не ми е омилен играч ама реално е многу битен за тимот. Идеална замена за него е младиот Јашари кој е со потекло од Куманово кој ја нема таа цврстина во играта но ја има креативноста, брзото размислување и креативноста во играта. Брзи се.. летаат и знаат во секој момент да ја казнат секоја грешка на противникот“.
Има ли шанси Македонија, слабата страна на гостинот!?
„За добар резултат против силна Швајцарија треба многу храбра игра на Македонија. Треба противникот да има лош ден, да се поклопат многу фактори за да се постигне добар резултат. Само да не примиме брз гол. Тоа ќе биде лошо. Според мене Швајцарија има силна и динамична одбрана. Шансата е да се пробие на позицијата каде што игра Родригес кој е во години и ја нема таа брзина како останатите играчи. Некој прекин, слободен удар на Барди, потребна е магијата на Елмас но и знаењето на Растодер кој добро знае како се игра против овие играчи на Швајцарија. Лани даде многу голови за Тун и мислам дека згреши што замина во Панатинаикос. Алиоски исто така може да биде корисен но нашиот главен проблем – според мене е спората наша одбрана и тоа како дефанзивците играат на последните неколку натпревари. Знаете во мое време и во минатото одбраната беше наш заштитен знак со многу јаки играчи кои играа во јаки екипи“.
Каде Македонија може да има проблем!?
„Слабата минутажа на нашите фудбалери по клубовите – тоа е главниот проблем. Малку играат, многумина се резерви и тоа е главниот проблем кога се игра за националниот тим и кога треба да се врзат не еден или два туку 4 натпревари во неколку дена. Ќе недостига брзината на Чурлинов. Тоа е голем хендикеп за нашиот национален тим. Ќе треба да се игра дефанзивно и притоа да не се прими брз гол. Швајцарија нема да игра со високи топки, со прекини… Тие играат во простор, брзо се трансформираат и напаќаат по сите страни. Имаат многу добри играчи, кои играат во големи клубови. Веќе реков! По мое мислење ќе имаме проблем во одбраната. Немаме брзина таму а ривалот лета кога е во фаза на напад. Би сакал да ги изненадиме, ни треба поддршка од трибините но и сите кои ќе бидат на теренот треба да го дадат максимумот. Македонија и во минатото знаела да изненадува фаворити – а голем фаворит вечерва е Швајцарија. Јас од Берн ќе стискам палци за мојата земја, Македонија и би сакал да не загубиме“.
Гоце Седлоски сега е селектор, а беше капитен во твое време!?

„Седло не сака да губи на тренинг а не па на еден ваков натпревар. Се сеќавам, кога првпат дојдов да играм за Македонија ме перечека со еден лизгачки старт уште на првиот тренинг кој уште го памтам. Ме фрли од прва а потоа станавме добри пријатели. Му посакувам се најдобро, покажа дека сака дисциплина и тоа е најбитното кога се зборува за репрезентацијата. Во мое време имавме добар тим и фонд на играчи, но некои работи беа многу запуштени па затоа и не направивме некои големи подвизи иако имавме екипа за такво нешто. Публиката треба да си ја бодри репрезентацијата и да му даде шанса на новиот селектор. Ништо не се прави преку ден иако оваа група сега е многу тешка. Можеби не требаше да прифати да ја води репрезентацијата на оние бараж дуели со Данска а потоа и со Ирска во Даблин но тоа е негова одлука и одлука на федерацијата. Требаше сега од нов циклус да почне од почеток за да нема дополнителен притисок“.
Ја одбра Македонија, има настап за Швајцарија!?










