Бастијан Швајнштајгер со критика: Германија веќе не е врвна репрезентација!

32

Бастијан Швајнштајгер остро ја оцени играта на германската репрезентација по поразот од Грција. Во улога на стручен коментатор за АРД, светскиот шампион од 2014 година го анализираше настапот на тимот предводен од селекторот Јирген Клоп.

„Повеќе не сме врвна репрезентација, станавме просечни. Не успеавме да му го наметнеме ритамот на противникот, ниту да создадеме ситуации од кои можеше да произлезе нешто“, изјави Швајнштајгер за АРД.

Иако имаше повремени светли моменти, германскиот тим во целина не создаде доволен притисок за да го загрози цврстиот противник. Швајнштајгер смета дека Германија сепак изгледала подобро минатиот четврток во ремито 1:1 против Холандија.

Поранешниот играч за врска на Баерн истакна и дека на тимот му недостигаат фудбалери кои можат да направат разлика на теренот, а како примери во грчкиот состав ги посочи Константинос Карецас, Христос Цолис и Вангелис Павлидис.

Тој објасни дека неговата анализа не претставува директна критика за селекторот Клоп, кој повикал голем број фудбалери, од кои некои никогаш претходно не играле заедно.

„Клоп не е чудотворец. Ова е тешка работа. Но и играчите мора да се запрашаат дали тоа е сè што можат да дадат“, порача Швајнштајгер.

Реакција на капитенот и состојбата во групата

Капитенот Џошуа Кимих се согласи со оценката на својот поранешен соиграч и призна дека Германија во моментов не е врвна репрезентација.

„Тоа треба да се каже. Врвните репрезентации ги победуваат противниците кои на хартија се послаби, а ние тоа не го направивме. Не ја победивме Холандија, а денеска загубивме. Сепак, во овој момент тоа не е пресудно“, изјави Кимих.

Германија во текот на натпреварот против европскиот шампион од 2004 година имаше теренска иницијатива, но не успеа да ја претвори во конкретни шанси. Од друга страна, Грција постојано се закануваше од контранапади, а еден од нив го искористи Курбелис во 74. минута за победа од 1:0.

По две одиграни кола, тимот на Јирген Клоп го зазема третото место во групата 2 од Лигата на нациите. На врвот е Грција со шест бода, додека Холандија е втора со четири.

Следниот натпревар Германија ќе го одигра в четврток против Србија, која засега е без бодови.

ПретходноМу чури главата и на Гроф Божовиќ во Вардар
СледноДерби во СЦ „Јане Сандански“: Вардар ги пушти во продажба билетите за пресметката со ГРК Охрид