Успешно реализиран претсезонскиот семинар за службени лица на КФМ

1

Во организација на Судиската комисија при Кошаркарската федерација на Македонија, од 25 до 27 септември 2026 година се одржа претсезонскиот Семинар за кошаркарски судии, делегати и контролори, со кој официјално започна подготовката за новата натпреварувачка сезона.

Семинарот започна со свеченото отворање во хотел „Дрим“ од страна на Генералниот секретар на КФМ, Томче Стојчевски, менаџерот за судии при ФИБА – Мануел Мацони, и претседателот на Судиската комисија Алија Феревски.

Во рамките на првата вечер беше реализирана и кратка работилница за судиите кои првпат учествуваат на претсезонски семинар, предводена од Томи Панов, FRIP1.

Саботната програма започна со физичкиот „Легер“ тест за судиите, додека делегатите и контролорите имаа посебна сесија посветена на „Осврт на контролите од минатата сезона и насоки за претстојната сезона“, која ја реализираа Блашко Клинчаров и Алија Феревски.

Во продолжение следеше интензивна теоретска и едукативна програма за сите учесници, со предавања од домашни и меѓународни предавачи:

• Мануел Мацони, ФИБА Европа – „Развоен пат на судиите“

• Миодраг Личина, ФИБА Европа – „Дисруптивна грешка / Флагрантна грешка“

• Миодраг Личина, ФИБА Европа – „Момент на шут – измени и дополнувања 2026“

• Миодраг Личина, ФИБА Европа – „Покривање на играта (примарен/секундарен одбранбен играч, примарно/секундарно поле на одговорност)“

• Петар Денковски, НИ при КФМ – „Техничка грешка – измени 2026“

• Мануел Мацони, ФИБА Европа – „Контрола на играта, Комуникација под притисок“

• Петар Денковски, НИ при КФМ – „Нови судиски знаци, нови ознаки во Записникот и промени во правилата за IRS“

Работниот ден заврши со рекапитулација на реализираните активности и предавања, по што следеше заедничка вечера и дружење на учесниците на коктел забава.

Неделната програма продолжи со видео-работилница, реализирана од Миодраг Личина и Петар Денковски, како и со сесијата „Анализа на работата на службените лица минатата сезона и препораки за наредната“, која ја презентираше Александар Милојевиќ, комесар на КФМ.

Семинарот заврши со теоретски тест за судии, делегати и контролори, по што следеше свеченото затворање и заеднички ручек.

Со реализацијата на претсезонскиот Семинар 2026/2027, Судиската комисија при Кошаркарската федерација на Македонија продолжува со континуирана едукација и подготовка на службените лица, со посебен акцент на новостите во правилата, унифицирањето на критериумите, контролата на играта, комуникацијата и професионалниот развој на судиите, делегатите и контролорите.

Подготвени за новата сезона – со нови знаења, јасни критериуми и заедничка цел: професионална и квалитетна кошарка на македонските терени.

ПретходноСкопје во недела ќе трча во ритамот на Виз Ер Скопскиот маратон