Македонија VS Шкотска: Конечно да се покаже дека не сме заборавиле да играме добар фудбал!

128
ФОТО: FFM.MK

Македонија против Шкотска! Ова е дуелот од 3.коло во групата 1 во Б Лигата на Нации, вечерва од 20.45 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Меч на кој нашите репрезентативци предводени од селекторот Гоце Седлоски конечно мора да покажат дека не заборавиле да играат добар фудбал.

Секако дека Шкотска е фаворит, но исто така Шкотска е противник по мерка посебно ако се знае како четата на Себастијан Покоњоли играше против Словенија и Швајцарија.

Ова е шанса за нас за поправен, за поправање на впечатокот, за оние катастрофи и ужаси со Швајцарија и Словенија. Еве шанса конечно по 607 минути вкупно или 540 минути со Седлоски како селектор, да му се израдуваме барем на еден гол. Еве шанса конечно во 11-тиот меч во серија да се израдуваме на победа.

Како ќе биде тоа не зависи од нас, не зависи од јавноста, зависи од играчите кои ќе истрчаат на теренот и секако од тактиката на Седлоски. Наше е само да дадеме поддршка, а кога Македонија е во прашање секако дека таа поддршка секогаш е тука. На публиката е да даде поддршка од трибините. Да се разбереме, никој, ама баш никој не е среќен за се ова што се случуваа оваа година во и околу нашата репрезентација. Оваа јавност знае што е добар фудбал, знае дека Македонија може многу подобро, и затоа е резигнирана, нервозна, критична кон Седлоски и неговите избраници.

Јасно е дека Македонија во Б Лигата на Нации сега си има работа со многу посилни ривали. Јасно е дека сега е пеколно тешко да се дојде до бодови, но исто така е јасно дека оваа селекција на Седлоски мора да покаже дека знае, дека се бори, дека го дава последниот атом од силитеза Македонија. И јасно е дека мора, ама баш мора да играат најдобрите. И кога ќе биде така, без разлика на резултатот, тогаш оваа селекција ќе ја има поддршката од сите. Само така и никако поинаку.

Токму затоа НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!

ПретходноПрекинат мечот помеѓу македонските и шкотските навивачи поради тепачка!
СледноПријателски: Шкендија поразена во Косово, голеадата во Могила за Брегалница