По третиот едноподруго пораз на нашиот македонски национален фудбалски состав во рамките од Лигата на Нациите, Б дивизија, можеме да констатираме само едно. Дека сме во сериозна, објективна, а сега веќе и потврдена, играчка, и резултатска криза. Благо кажано. Затоа што она што вечерва го видовме на Арената Тодор Проески од Македонија не личеше на тим кој што е достоен да биде дел од оваа конкуренција. Ниту од далеку.
Македонија повторно не реализираше. Македонија повторно прими голови. Македонија повторно дозволи противникот да и создаде десетици шанси, најголемиот број зицери. Од друга страна Шкотска шутна 25 пати кон нашиот гол. Нереални бројки за тим кој што сака да направи нешто повеќе. Сака? Барем на хартија. Затоа што се останато воопшто не изгледа така.
Селекторот Седлоски веројатно последно е што сакаше во моментов да се појави на прес конференцијата по мечот. Но такви се правилата. Едноставно мора….
„И самите видовте дека не одеше во првите половина час, затоа ги направив измените. Станковски кога влегуваше во измиантите мечеви даваше живост. Мислев дека може да одговори денеска. Истото важи за Херера. Честитки за Шкотска. Побрзи, подобри, посилни. Затоа играат таму каде што играат. Јас не застанувам овдека. Не застанавме добро во првиот дел. Не фати паника. Шкотска го искористи тоа. Во целост тежок пораз. Реално, кажавме и пред ова. Со Словенија единствено можеме да се носиме. Се уште е топла главата што се вели. Но треба ли да се коментира за една Швајцарија. премиерлигашки играчи. Наспроти тоа, тројца од македонсккиот шампионат. Ќе се борам ќе работам и понатаму“ – изјави селекторот Седлоски.










