*Повредата на искусниот лев бек не е санирана и тој повторно нема да настапи за националниот тим во Лигата на нации
*Херера ќе биде стартер, Гаштаров на клупа а Миовски ќе биде нашиот џокер во нападот. Муслиу и Меличи е тандемот стопери на Седлоски
Има ли крај на лошата, најцрната и најкатастрофалната серија која го тресе националниот тим на Македонија а само на неколку часа пред новиот предизвик – Шкотска во Скопје во меч кој стартува од 20:46 часот на нашиот најголем стадион. Се чини дека заборавивме кога гол дадовме а на победа чекаме повеќе од една година. Езџијан Алиоски повторно не може да помогне. Искусниот лев бек и вечерва ќе го нема во составот на Гоце Седлоски. Левиот бек има повреда, беше на прегледи во Швајцарија и не играше на претходните два дуели од Лигата на нации. Ова е според сајтот на УЕФА кој го објави списокот на фудбалери кои Македонија ги пријави на утринскиот состанок со делегатот на УЕФА.
На трибините се селат и искусниот Ѓоко Зајков (како да е пречкртан од Седлоски по дуелот со Швајцарија), но и Дин Аломеровиќ кој имаше очаен настап пред некој ден во Словенија. Миовски во нападот, Елиф и Митровски како две „десетки“.
Она што е факт а и е познато по вчерашната прес конференција е тоа дека Миовски ќе биде нашиот најистурен играч во нападот и ќе биде фудбалерот кој треба да ја прекине црната серија која трае токму од ноември кога тој беше творец на последниот гол за Македонија на дуелот во Велс (7:1). Во позадина ако две „десетки“ треба да играат Елиф Елмас и Димитар Митровски. Во срцето на теренот капитенот Барди треба да диригира со средината а да му помагаат Јани Атанасов и Агон Елези. Поискусна варијанта со мал одмор за младиот Гаштаров. Херера е опција за левата а Бојан Илиевски се враќа на десната бековска позиција со стоперите Меличи и Муслиу кои првпат би играле заедно како стартери пред голот на незаменливиот Столе Димитриевски. Официјално, изборот на Седлоски за дуелот со Шкотска ќе се знае околу 19:30 часот.










