Македонската теквондистка и олимпијка Милијана Мила Рељиќ стигна до бронзениот медал на Г-1 Опен турнирот „Албанија“, кој се одржува во Тирана.
Рељиќ на стартот беше слободна, а во следната борба со 2:1 во рунди ја совлада Леонарда Андриќ од Канада.
Потоа следеше уште еден неизвесен дуел за македонската претставничка, овојпат против Шпанката Елена Лена Торес. Рељиќ повторно славеше со 2:1 во рунди и обезбеди место на пиедесталот.
Клучна беше третата рунда, во која Мила триумфираше со минимални 10:9 поени.
Во полуфиналната борба, Рељиќ не успеа да стигне до финалето. Подобра од неа беше Турчинката Хатиџе Пинар Јигиталп, која славеше со 2:0 во рунди.
Турската натпреварувачка ги доби двете рунди со идентични 4:2 поени и со тоа обезбеди пласман во финалето.
Бронзениот медал на турнирот во Тирана ѝ донесе на Рељиќ нови 3,60 поени на светската и олимписката ранг-листа.










