Современиот фудбал одамна нè навикна на смели архитектонски проекти и мултифункционални објекти, но ФК Сион се подготвува целосно да го промени концептот на спортското доживување. Швајцарскиот клуб направи важен официјален чекор во реализацијата на проектот за својот нов и футуристички дом, наречен „Сервен Колосеум“, а деталот што го привлече вниманието на спортската јавност е интегрирањето на ролеркостер во самата конструкција на стадионот.
Новата арена ќе има капацитет од 15.000 гледачи и е дел од стратешкиот план „Сион 2030“. Вкупната инвестиција се проценува на околу 450 милиони швајцарски франци, односно приближно 492 милиони евра. Новиот стадион ќе го замени историскиот „Турбион“, на кој ФК Сион ги игра своите натпревари од 1968 година.
Инспириран од величественоста на Алпите и со поглед кон околните планински масиви, комплексот е проектиран да функционира како туристички и забавен центар во текот на сите 365 дена во годината.
Ролеркостерот ќе се протега околу трибините и по надворешниот периметар на комплексот, овозможувајќи им на навивачите и посетителите адреналинско искуство со уникатен поглед кон теренот и алпскиот пејзаж.
Проектот за „Сервен Колосеум“ веќе е доставен до надлежните органи на кантонот Вале и општина Сион за првата фаза од техничката проценка и проверката на изводливоста.
Клупските челници и инвеститорите очекуваат јавната расправа да се одржи во средината на 2027 година, со што би започнала изградбата на еден од најнеобичните и најатрактивни стадиони во европскиот фудбал.










