Седумте бода не вратија години наназад

109

Заврши уште еден квалификациски циклус на македонската фудбалска репрезентација до 21. година. Синоќа нашиот состав на гостински терен во Шведска, го одигра последниот десетти меч од оваа кампања во кој загубивме со 2:0. Конечниот исход од овој циклус го вели следново. Македонија заврши претпоследна во групата од шест репрезентации, освои седум бода и е пласирана единствено пред Ерменија. Селекцијата која што и ни го даде овој статус, затоа што на два пати ја победивме, а ако на тие два успеха го додадеме и ремито со Црна Гора доаѓаме до гореспоменатиот скор.

Истиот го вели следново. Дека групата ја завршуваме со бодови и скор кој што одамна не сме ги имале. Се навикнавме на далеку подобри резултати, на младите. Овој скор го одработевме во состав со Василев, Даилоски, Елмас, Мелиќи, Џеков, Меметриза, Ангелов, Ѓоргиевски , Зенделовски, Елези, Гаштаров, Данев, Трајков, Николовски….

Конкретно, да речеме во претходниот циклус, сме биле четврти со 12 бода. Во 2021 сме биле претпоследни но со девет бода. И обата циклуси биле со Драган Канатларовски како селектор, и состав од типот на Денковски, Ѓурковски, Божиновски, Антовски, Јанкулов, Гроздановски, Елези, Фазлагиќ, Илиевски, Максимов, Чолаковски ….

Ако се навратиме уште порано, влегуваме во ерата на Благоја Милевски, а таму приказната е сосема поинаква. Во 2019/20, Македонија била втора со 18 освоени бодови, и сериозна шанса за огромен успех. Моменти не делеа од нов пласман на Европско првенство, а тој успех го постигнаа, Јанков, Тодоровски, Стојменовски, Атанасов, Ѓоргиевски, Здраковски, Серафимов, Миовски, Трапановски, Шеји, Ацковски…

Претходниот циклус 2017/18 сепак е за заборав, и оној одвратен пораз од Гибралтар на гости кој во многу не поремети, па во таа група со Србија, Австрија, Русија… освоивме само седум бода. Циклус за заборав. Испишавме историја во 2015/16 со освоеното прво место и оној пласман на ЕВРО 2017 во Полска. Македонија освои 21 бод и беше пред Франција, Украина, Исланд, Шкотска… составот се знае…Алексовски, Зајков, Демири, Велковски, Николов, Радески, Маркоски, Бабунски, Муслиу… огромен дел од нив се сеуште А репрезентативци…

И тука негде завршува нашиот период на убави У21 моменти. Претходно, за селектор на мандат беше Бобан Бабунски, а тогаш на контото имавме, четири бода во 2013/14, а да речеме во 2009/2010 година под водство на Мирсад Јонус сме освоиле два бода, со играчи од типот на Наумовски, Димитровски, Стојков, Лазевски, Георгиевски, Силјановски, Алију, Богдановиќ, Ивановски, Муарем, Ибраими….

Не одиме понатаму… доволно е.

Она што пак сега како прашање го поставуваме е следново. Најавено е повторно подмладување на А репрезентаицијата, а од каде да се започне ако не од У21 селекцијата. Од таму веќе ги земавме, Гаштаров, Мелиќи, Џеков, а кој од преостанатите заслужува сениорски повик треба да процени селекторот Гоце Седлоски.

 

ПретходноЧупиќ: Во полн „Јане Сандански“ никому не му е лесно
СледноМЗТ Скопје се враќа на европска сцена, Ираклис прв предизвик