Нема ништо ново! Уште еден пораз без удар во гол! (ВИДЕО)

716

И требаше на репрезентацијата на Македонија да „потроши“ цели шест полувремиња и да биде во подредена улога во првите три меча од оваа Лига на Нации Б дивизија, за конечно во четвртиот меч, против Швајцарија на гостински терен вечерва во Луцерн,  да заигра нешто и да се помрдне од „мртва“ точка. Не, Македонија не обезбеди поволен резултат, Македонија повторно не постигна гол, но сепак, ете, вечерва и не сме така разочарани од избраниците на селекторот Гоце Седлоски. Барем од она што го одиграа во првиот дел.

Загубивме со 3:0, но имаме некаков позитивен впечаток, секако ако се одземат катастрофалните грешки по кои ги примивме головите. Вусар Муслиу, Столе Димитриевски и Матеј Гаштаров овојпат се нашите трагичари, затоа што во ситуација кога имавме контрола врз нештата, особено при 0:0 резултат, дозволивме самите себе да си наштетиме. Швајцарија вечерва беше далеку од доминацијата која што ја имаше во Скопје, а голема „вина“ за тоа има Македонија. Денеска бевме на далеку повисоко ниво, но кардинални грешки како овие вечерва не простуваат и далеку полоши селекции од Швајцарија.

Муслиу го „расипа“ нашиот добар впечаток од првиот дел

На теренот во Луцерн вечерва Македонија излезе прежалена што се вели. Од буквално сите. Оправдано може да се каже, со оглед на она што ние (не) го одигравме на првите три дуела во овој репрезентативен прозорец. Токму затоа, сконцентрираната, смирена, и поврзана игра беше изненадувачка. Па дури и шансите на Стојчевски односно Митровски како да ни влесоа уште поголем кураж, и сила во играта. А кога вистински се понадевавме на позитива барем на полувреме, следуваше шокот. Алиоски додаде за Муслиу во нашиот шеснаесетник, а стоперот наместо да расчистува, одеше на рутина, и не го примери Ридер зад него. На него доволни му се секунда две, и топката е веќе во неговите нозе, а потоа и во нашата мрежа. Швајцарија поведе со 1:0.

Втора грешка и двојна негатива

Продолжението на мечот, домаќинот го сфати како ситуација во која што мора да ја однесе во своја корист дополнително и така и беше. Швајцарија „нагази“ имаше неколку ситуации да реализира, но последниот пас не одеше, ударите непрецизни. Двојната предност дојде во 74. минута кога Манзамби шутираше можеби најнеопасно од сите удари дотогаш, но Димитриевски очајно интервенира и наместо „избоксувана“ топка, добивме топка во мрежа.

Грешките не чинат многу

Конечно, во 81.  минута, неуспешната комбинаторика на нашите репрезентативци во близина на шеснаесетникот дојде до тоа да Ндоје му ја одземе топката на нововлезениот Гаштаров, и рутински да реализира за 3:0.

Б Лига на Нации – група 1 (4.коло)

ШВАЈЦАРИЈА – МАКЕДОНИЈА 3:0 (1:0)

„Термоплан Арена“ во Луцерн. Судија: Едгарс Малцевс (Летонија). Стрелци: Ридер 43., Манзамби 74.. Ндоје 81. (ШВА).

ШВАЈЦАРИЈА: Мвого, Бриџи, Елведи, Аканџи, Родригез (70.Атекаме), Фројлер, Сиеро (46. Јашари), Сов (46. Манзамби), Ридер, Ндоје (86.Саншез), Амдуни (70.Ботели).

Селектор: Мурат Јакин.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Стојчевски, Зајков, Муслиу, Алиоски, Елези (70.Костадинов), Барди (82.Станковски), Елмас, Дориев (59. Гаштаров), Митровски (82.Миовски), Растодер (59. Омерагиќ).

Селектор: Гоце Седлоски.

 

 

 

 

ПретходноРоналдо се соочува со суспензија и до шест месеци?
СледноЛН: Англија самоуверено, Шпанија со пресврт славеше на „Пољуд“