Се менува ракометот? ИХФ го преиспитува правилото 7 на 6, тестирање во 2027!

338

Едно од правилата што значително ја промени тактиката во модерниот ракомет наскоро би можело да биде преиспитано. ИХФ ја разгледува можноста за промена, ограничување, па дури и укинување на сегашниот концепт на игра седум на шест, пишува францускиот HandNews.fr.

Според информациите на францускиот портал, прашањето за играта без голман било една од темите на неодамнешните разговори за иднината на ракометните правила. Првиот потпретседател на ИХФ и претседател на Француската ракометна федерација, Филип Бана, потврдил дека за оваа тема сериозно се дискутира.

Советот на ИХФ во јануари треба да ја разгледа можноста за експериментална примена на новите правила на Светските првенства за младински категории во 2027 година. Една од опциите би била промена на постојното правило седум на шест, додека се разгледува и можноста за негово целосно укинување во сегашната форма.

За оваа тема разговарале тренери и ракометни експерти кои минатата недела се собрале во Каиро за време на Светското клупско првенство на ИХФ. Меѓу нив бил и селекторот на Франција, Талант Душебаев.

Како што пренесува HandNews.fr, еден од главните аргументи против сегашното правило е фактот дека нападот со седум играчи може да го намали значењето на исклучувањето од две минути. Екипата која ќе остане со играч помалку може со повлекување на голманот повторно да има шест играчи во нападот, со што практично се неутрализира дел од предноста што противникот би требало да ја добие поради исклучувањето.

Како уште еден проблем се наведуваат ситуациите со празен гол, кои во последните години станаа составен дел од натпреварите и значително влијаеја на начинот на кој се игра завршницата на нападите.

Сепак, засега нема конечна одлука. Идејата на ИХФ е евентуалните промени најпрво да бидат тестирани на натпреварувањата во младинските категории, а дури потоа да бидат анализирани и евентуално воведени во сениорскиот ракомет.

Доколку експериментот добие зелено светло, 2027 година би можела да биде почеток на најголемата промена на правилата поврзани со играта 7 на 6 откако беше воведена можноста за замена на голманот со дополнителен играч во поле.

ПретходноСе сеќавате ли кога македонската репрезентација последен пат постигнала гол? (ВИДЕО)
СледноТребаше да биде главна “приказна“ на СП 2034, ама…