Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Ираклис во првото коло од ФИБА Европа купот доби и политичка димензија поради транспарентот кој беше истакнат на трибините во СЦ „Јане Сандански“.
Навивачката група „Фемили Аеродром“ истакна транспарент со пораката „Името твое свето ќе го браниме пред светот“, на кој беше прикажана мапа на Македонија, вклучувајќи ги и Егејскиот и Пиринскиот дел.
Овој потег предизвика реакција од грчкиот клуб. Од Ираклис веднаш го пријавиле случајот кај делегатот на натпреварот, Бугарката Елеонора Ранџелова, а за случувањата ја известиле и грчката амбасада во Скопје.
„Ираклис уште пред почетокот на натпреварот официјално ја информираше бугарската комесарка Елеонора Ранџелова за транспарентот со националистичка содржина, кој беше истакнат од домашните навивачи на една од централните трибини. Побаравме тој да биде отстранет. За случајот беше известена и грчката амбасада во Скопје“, соопштија од грчкиот клуб, пренесуваат тамошните медиуми.
Ираклис, сепак, не планира да застане тука. Клубот најави дека ќе поднесе пријава и до ФИБА против МЗТ Скопје, токму поради транспарентот и прикажаната карта на Македонија со Егејскиот и Пиринскиот дел.










