ДАНИЕЛА АЛЕКСОВСКА И МАРКО ТРАЈАНОВСКИ ЌЕ ЈА ПРЕТСТАВУВААТ МАКЕДОНИЈА НА ИСТОРИСКИОТ FNC 34 ВО СКОПЈЕ!

38

Најуспешните ММА Борци од машка и женска категорија во Македонија влегуваат во кафезот на 24 октомври во СЦ „Т Арена/Борис Трајковски“ — на првиот настан на најголемата ММА организација во Европа што се одржува во Македонија!

Скопје, 8 октомври 2026 — Македонската ММА Федерација со гордост потврдува дека двајцата најуспешни млади борци на земјата, Даниела Алексовска и Марко Трајановски, ќе се борат на FNC 34, првиот настан на Fight Nation Championship што се одржува во Македонија.

Настанот ќе се одржи во сабота, 24 октомври 2026 година, во Спортскиот центар „Т Арена/Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 19:00 часот, пред публика од близу 8.000 гледачи и со директен пренос преку платформата FNC.tv за гледачи низ цела Европа. Во главната борба на вечерта, Лом-Али Ескиев ја брани титулата во лесна категорија против Марко Бојкович.

Даниела Алексовска, прогласена за Млада спортистка на Македонија за 2025 година, во кафезот влегува како носителка на бронзен медал од Светското ММА првенство во Тбилиси 2025 и полуфиналистка од Светското првенство во Ташкент 2024. Со шест од девет победи освоени со субмисија, Алексовска е еден од најперспективните женски борци во регионот. Нејзин противник ќе биде Мина Хаѕопулу од Грција.

Марко Трајановски е првиот Македонец кој освоил злато на Европско ММА првенство — историски успех постигнат во Белград во февруари 2025 година, со победи над претставници на Романија, Бугарија, Украина и Италија во финалето. Титулата ја освои на само 16 години. Против него ќе стои Лука Лаиновиќ од Црна Гора.

Двајцата борци веќе ја имаат домашната публика зад себе: во септември 2025 година, на ARMMADA 14 во Скопје, кога остварија доминантни победи пред преполна сала во С.Ц “Јане Сандански”.

„Пред три години Македонија првпат излезе на светската ММА сцена. Денес најголемата европска организација доаѓа кај нас, а во кафезот влегуваат наши деца со светски и европски медали на вратот. Ова не е случајност — ова е резултат на работа, систем и верба во македонскиот спортист“, изјави Ивица Алексовски, претседател на Македонската ММА Федерација, кој игра голема улога во самото пристигање на ваква огранизација како што е ФНЦ во Македонија.

Доаѓањето на FNC во Скопје е резултат на договор меѓу FNC, Министерството за спорт и Македонската ММА Федерација — потврда дека ММА во Македонија е спорт со иднина и со институционална поддршка.

Федерацијата ги повикува сите љубители на спортот да ја наполнат салата на 24 октомври и да покажат дека македонската публика е најголемата домашна предност на нашите борци.

Претходно„Фалц“ Ковид тестот го чини Гранит Џака 150.000 франци
СледноЗа малку трагедија… паднал лифт со петмина кошаркари на клуб од Азербејџан