Бохум им забрани на своите навивачи организирано да скокаат на трибините

31

Германскиот второлигаш Бохум им забрани на своите навивачи организирано и ритмички да скокаат на дел од источната трибина на стадионот „Рурштадион“, поради силните вибрации што се создаваат во конструкцијата.

Инженерските проверки покажале дека носивоста на трибината не е загрозена, но истовременото скокање на голем број луѓе предизвикува таканаречен „ефект на трамбулина“, односно забележливо нишање на трибината. Тоа може да предизвика физичка непријатност, па дури и мачнина кај дел од гледачите.

Забраната ја наложиле градските власти, а ќе важи за деловите од источната трибина со места за стоење. Мерката ќе се применува од неделниот натпревар против Арминија Билефелд. Важно е што не е забрането спонтаното скокање при прослава на гол, туку организираното и синхронизирано скокање на поголеми групи навивачи.

Од Бохум предупредуваат дека непочитувањето на правилото може да доведе до целосно затворање на источната трибина, што би предизвикало сериозен проблем за домашните навивачи.

ПретходноОва се најплатените тренери во светот: Артета со новиот договор се проби на трето место!
Следно„Евросет“, приказна која започна од љубов кон тенисот, а денес ја продолжуваат три сестри