Горан Закариќ е херојот на актуелниот шампион Вардар, затоа што денеска е двоен стрелец на гостувањето кај Скопје во Автокоманда, нешто што за „црвено – црните“ се покажа дека е ѓаволски тешка задача.
Закариќ најпрво израмни на 1:1 во второто полувреме, откако „Пиратите“ имаа водство, за да потоа во судиското продолжение на мечот по прекрасната асистенција на Маневски речиси на идентичен начин како и при израмнувањето со глава на втор дирек погоди за 1:2, и конечна победа на Вардар.
Овој натпревар започна онака како што посакуваше домаќинот. Ситуацијата од десно, во која што Скопје одработи преку Божиновски. Овој прекрасно асистира за Гордиќ кој што шутираше, а Маневски во обид да спаси играше со рака, а топката одеше директно во голот.
Следуваше прекин, нормално, ВАР ситуација во која што главниот судија Фуркан Идризи, иако проверуваше на мониторот сепак, се одлучи да не досуди најстрога казна на домашните.
Сепак, во 26. минута сето тоа се заборави затоа што Али Адем проби по десно, и асистираше на петерецот за Виктор Ангелов. Искусниот играч реализираше за водство на домашните, и шок на актуелниот првак.

Закариќ, повторно стрелец за Вардар
Искусниот Горан Закариќ во моментов е најдобриот играч на Вардар. се наоѓа во одлична голгетерска форма, а тоа го потврди и денеска. Асистенција на Омерагиќ за Пиреш, овој на втор дирек за Закариќ кому не му беше тешко да погоди затоа што искусниот Наумовски беше далеку на другата страна од голот.
Вардар имаше иницијатива, но Скопје ги имаше контра нападите. Ангелов, Божиновски со одлични ситуации но сепак, не реализирани. На другата страна за Вардар целата навала се обидуваше но јалово и безуспешно.
Во последните моменти од дуелот, Вардар успеа со седмиот гол сезонава на Закариќ да дојде до комплетен пресврт и да обезбеди злато вредни три бода во овогодинешниот шампионат.

















