Роналдо за Меси: Ние бевме како Сена и Прост

0

Кристијано Роналдо проговори за долгогодишното ривалство со Лионел Меси, оценувајќи дека нивната конкуренција била здрава и дека двајцата постојано се мотивирале еден со друг да бидат уште подобри. Португалската фудбалска ѕвезда во интервју за Си-Ен-Ен се потсети на периодот во кој со Аргентинецот доминираа на светската фудбалска сцена и редовно се бореа за најголемите индивидуални признанија.

„Петнаесет години го делевме истиот пиедестал и секогаш одлично се согласувавме. Се сеќавам дека неколкупати му преведував што зборуваа на англиски. Тој секогаш се однесуваше добро кон мене“, откри Роналдо.

Португалецот објасни дека двајцата секогаш ги бранеа интересите на своите клубови и репрезентации, но дека меѓусебната конкуренција никогаш не го исклучувала почитувањето.

„Тој го бранеше својот клуб, јас мојот. Тој играше за својата репрезентација, а јас за мојата. Сите овие години сакаше да го даде максимумот и да постигнува голови, исто како и јас. Тоа беше здраво ривалство, како меѓу Аиртон Сена и Ален Прост. Мислам дека се мотивиравме еден со друг“, изјави Роналдо.

Споредувањето со легендарните возачи на Формула 1 не е случајно. Сена и Прост водеа едно од најпознатите ривалства во историјата на автомобилизмот, а нивната конкуренција ја одбележа Формула 1 во доцните осумдесетти и раните деведесетти години.

ПретходноДијамантската лига 2027 стартува во Доха и ќе има 15 митинзи