Крањ 13.10.1993: Минаа 33 години од првиот историски натпревар на Македонија (ВИДЕО)

75

Како вчера да беше. На денешен ден пред 33 години македонската фудбалска репрезентација го одигра својот прв натпревар. Тој 13 октомври 1993 година и тој меч во Крањ ќе останат во вечно сеќавање. И поради победата од 1:4, ама најмногу зошто на тој ден Македонија за првпат се гордееше со своја фудбалска репрезентација.

Тогаш ја имавме веројатно најсилната селекција во нашата историја предводена од капитенот Дарко Панчев, фудбалерот на векот на Македонија, селектор беше Андон Дончевски.

Стрелци на головите беа Зоран Чоко Бошковски во 3.минута, Дарко Панчев 37., Чеде Јаневски од пенал во 48. и Драган Канатларовски 51.минута. Голот за Словенија го постигна Јанез Пате во 40.минута.

Македонија на тој историски натпревар настапи во следниот состав:

Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Чедомир Јаневски, Зоран Јовановски, Илија Најдоски, Љупчо Марковски, Бобан Бабунски, Драган Канатларовски, Тони Мицевски, Зоран Бошковски и Дарко Панчев.

Играа и Ванчо Мицевски, Горан Георгиевски, Сашо Милошевски, Неџмедин Мемеди.

Тој гол на Чоко во 3.минута по асистенција на Панчев за водство на Македонија од 0:1 во Крањ ќе се памети засекогаш, ќе се раскажува со децении, се додека постои оваа земја, оваа Македонија.

 

И секогаш кога ќе дојде овој 13 октомври се прашуваме – дали можевме повеќе?

Новинарски ќе кажеме: да, сигурно можевме.

Само еден пласман на ЕП и два баражи за СП е премалку.

Сега по 33 години не можеме гол да дадеме цели 782 минути, а под Седлоски како селектор осум меча или 720 минути. За било каква победа сега само сонуваме.

Ех, да се сега во нападот Дарко и Чоко!!!

ПретходноВинисиус во неверување по црвениот картон: Откриено што му зборувал на судијата
СледноПобеда на фудбалерките до 19 години на гостувањето во Косово