Официјално: Формула 1 се враќа во Африка!

34
фото: Formula 1 @F1 (X)

Формула 1 официјално потврди дека се враќа во Африка, откако беше постигнат десетгодишен договор со Руанда за организација на Големата награда на Африка. Последната трка од шампионатот на овој континент се одржа во Јужна Африка во 1993 година.

Новата патека ќе биде изградена во областа Бугесера, околу 40 километри јужно од главниот град Кигали, во близина на новиот меѓународен аеродром. Проектот предвидува современ автодром според највисоките стандарди на ФИА, со капацитет за околу 100.000 гледачи.

Во дизајнот ќе учествуваат поранешниот Формула 1 возач Алекс Вурц и тимот на познатиот проектант Херман Тилке. Патеката ќе го следи природниот терен, со значителни висински разлики, што треба да понуди атрактивни и предизвикувачки трки.

Извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали, го оцени договорот како историски момент за спортот, нагласувајќи дека Африка одамна е дел од плановите за глобално проширување на шампионатот. Претседателот на Руанда, Пол Кагаме, очекува проектот да донесе нови работни места, инвестиции и развој на туризмот.

ПретходноЛШ: Сабах испиша нова клупска историја, Спортинг триумфално во Франција
СледноЏерард: Не сакам никаква титула, но Сити мора да биде жестоко казнет