Кошаркарот на ТФТ повторно е МВП на колото!

6

Второто коло од МТЕЛ Суперлигата донесе неколку извонредни индивидуални остварувања, а во центарот на вниманието се најдоа кошаркарите на ТФТ и Скопје. Во меѓусебниот дуел во „Т Арената“, Секоу Сила и Колин Паркер водеа вистинска резултатска и индивидуална битка, во која на крајот се радуваше играчот на ТФТ.

Сила уште еднаш го потврди својот квалитет и потенцијал, откако по одличното деби во првото коло, сега забележа уште еден впечатлив настап, овојпат крунисан со победа. Неговиот придонес е значаен за амбициите на „црно-белите“ во домашното првенство, но и во конкуренцијата на АБА 2-лигата.

Покрај Сила и Паркер, во најдобрата петорка на второто коло се најдоа и Џејкоб Малик од Струмица 2001, Стефан Симиќ од Кожув и Андреј Маслинко од МЗТ Скопје Аеродром.

СЕКОУ СИЛА (ТФТ)

Новиот кошаркар на ТФТ продолжи со одличните индивидуални настапи. По впечатливото издание во првото коло, Сила повторно беше меѓу најзаслужните за играта на својот тим, овојпат со победнички епилог.

Со 35 индексни поени, тој го имаше највисокиот индекс на корисност во второто коло од МТЕЛ Суперлигата. До него стигна со дабл-дабл учинок од 23 поени и 15 скока. Реализираше 1/2 обиди за три поени, 6/10 за два и беспрекорни 8/8 од линијата за слободни фрлања.

На својот учинок му додаде и две освоени топки и една асистенција, со само една загубена топка, за 35 минути и 47 секунди поминати на паркетот.

КОЛИН ПАРКЕР (СКОПЈЕ)

На спротивната страна, Скопје го имаше расположениот Колин Паркер, кој му парираше на Сила со извонредна офанзивна претстава.

Во вториот натпревар за својот нов клуб, Паркер ги одигра сите 40 минути и постигна дури 31 поен. Притоа реализираше осум тројки од 13 обиди, два шута за два поени од седум обиди и три од четири слободни фрлања.

Американскиот кошаркар забележа и 12 скока и четири асистенции, а натпреварот го заврши со две загубени топки и по една блокада и освоена топка.

ЏЕЈКОБ МАЛИК (СТРУМИЦА 2001)

Малик имаше значаен придонес во првата победа на Струмица 2001 во новата сезона. Неговиот дабл-дабл учинок беше еден од клучните индивидуални ефекти во триумфот на струмичани.

За неполни 26 минути на теренот, Малик постигна 21 поен, со реализација од 8/12 за два поени и 5/6 од линијата за слободни фрлања. Забележа и десет скока и четири асистенции, а имаше и по две освоени и загубени топки.

Сето тоа му донесе индекс на корисност од 27 поени.

СТЕФАН СИМИЌ (КОЖУВ)

Симиќ и во второто коло потврди дека претставува значајно засилување за Кожув. Во дуелот со актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром, одигран во Гевгелија, имаше забележителна улога во играта на домашниот состав.

За 37 минути и 18 секунди на паркетот, Симиќ постигна 14 поени, со 7/11 реализација во обидите за два поени. Неговиот придонес беше особено видлив во скок-играта, во која забележа 12 скока, а додаде и седум асистенции и една освоена топка. Со три загубени топки, оствари индекс на корисност од 26 поени.

АНДРЕЈ МАСЛИНКО (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

На истата средба, во редовите на шампионот МЗТ Скопје Аеродром, Андреј Маслинко беше еден од најзабележителните поединци.

Репрезентативното крило помина речиси 34 минути во игра и постигна 19 поени, со одлични 2/2 за три поени, 6/10 за два и 1/2 од линијата за слободни фрлања. На својот учинок му додаде и осум скока и три асистенции, потврдувајќи го својот придонес во играта на „сино-белите“.

ПРВА ПЕТОРКА

Секоу Сила (ТФТ)

Колин Паркер (Скопје)

Џејкоб Малик (Струмица 2001)

Стефан Симиќ (Кожув)

Андреј Маслинко (МЗТ Скопје Аеродром)

ВТОРА ПЕТОРКА

Накавион Вајт (ТФТ)

Благој Димитриев (Пелистер)

Роберт Рикиќ (Работнички)

Камерон Хамилтон (ГКК Штип)

Димитар Пандев (Струмица 2001)

ПретходноЕурофарм Пелистер пред нова тешка задача за прв триумф во Европската лига