Пелистер го запиша вториот пораз во групната фаза во Европската лига, откако на гостински терен загуби од Гумерсбах со 38-28 (20-15). Со овој пораз, битолчани остануваат на последното место на табелата во групата Г.
Лино Червар и овој пат на дело виде дека играта „седум на шест“ на европска сцена носи повеќе негативни работи, отколку позитивни. Германската машина ја полнеше и празната мрежа на Пелистер и ги казни сите грешки.
Битолчани отворија со 0-2 со головите на Ристевски и Серафимов, но противникот одговори со серија од 5-1 за водство од 5-3. Од тој момент домашниот тим беше тој што го диктираше темпото, а Пелистер неколку пати успеа да израмни. На стартот од 20. минута, со два гола на празна мрежа, Гумерсбах за првпат поведе со 14-9. Червар во меѓувреме повика тајм-аут, но тоа не промени ништо. Душебаев зголеми на 16-10, а неговиот тим продолжи со серијата и поведе со 17-11.
Битолчани не се откажаа, напротив, влегоа во серија од 4-1 и, предводени од капитенот, намалија на 17-14. Сепак, бундеслигашот добро ја казнуваше играта „седум на шест“ на македонскиот тим, па во последната минута од првото полувреме имаше предност од 19-14. На одморот резултатот беше 20-15.
Ништо не се промени ниту на стартот од второто полувреме. Германскиот тим во 38. минута поведе со 26-18, откако три гола постигна на празна мрежа. Пет минути подоцна, по тајм-аутот на Червар, Гумерсбах стигна до предност од девет гола (28-19). На десет минути до крајот веќе беше јасно дека нема простор за изненадување, бидејќи Пелистер имаше двоцифрена негатива од 33-23.
Кузмановски и овој беше прв стрелец, зад своето име запиша седум погодоци, на другата страна Алекс Душебаев постигна девет гола.










