Очекувано, Алкалоид дојде до убедлива победа против Струга во натпревар од шестото коло во Супер-лигата. Избраниците на тренерот Кирил Лазаров на домашен терен славеа со 33-22 (16-8) за петти триумф оваа сезона. Овој меч практично беше загревање на тимот од Автокоманда пред првиот дуел против Калга Ферлах во рамките на ЕХФ Европскиот Куп.
Никола Костески со шест гола беше прв стрелец, зад него беа Дамјан Митев и Тордарсон со по пет погодоци, Иван Галевски запиша 15 одбрани. На другата страна Мице Шилегов беше стрелец на пет гола.
Алкалоид отвори со 9-3, водство кое го имаше и во 14-тата минута. Потоа беше 14-7, додека на одморот резултатот беше 16-8. Само три минути му беа потребни на домаќинот за да дојде до првото двоцифрено водство од 20-9. Стружани беа немоќни во секој поглед, па до крајот единствена неизвесност беше конечниот резултат, кој беше убедлив во корист на Алкалоид.
Лазаров и неговите момци првиот европски натпревар го играат во сабота на домашен терен. За потсетување, Алкалоид е првиот македонски тим кој го освои ЕХФ Европскиот Куп.










