Јубилејот како дополнителна мотивација за ШК Алкалоид во борбата за нов медал на претстојниот Европски клупски куп

22

Како по непишано правило, пресметката за европската клупска шаховска титула се случува при крајот на сезоната, откако ќе завршат националните првенства. Во нив ШК Алкалоид оваа година ја обезбеди двојната круна со триумф и во машка и во женска конкуренција, па се подготви повторно да излезе на меѓународната сцена. Европскиот клупски куп, најсилното (не само европско, туку и во светски рамки) клупско шаховско натпреварување, оваа година ќе се одржи во Будва, Црна Гора, од 17 до 23 октомври.

Во 2016 година, на мегдан со најдобрите клубови од Стариот континент, фармацевтите станаа европски прваци, а во 2017 година беа вицешампиони. Оттогаш поминаа точно 10 години. Во меѓувреме, тимот беше целосно реконструиран по глобалната пандемија (кога имаше прекин на натпреварувањето). Во 2024 и во 2025 година ШК Алкалоид повторно го освои второто место, збогатувајќи ја колекцијата на трофеи и станувајќи четврти најуспешен тим во историјата на ова натпреварување според екипните трофеи, односно втор најуспешен според индивидуалните медали по табли.

– Клубот оваа година слави 50 години од своето основање, притоа континуирано под водство и спонзорство на најуспешната македонска компанија „Алкалоид“АД. Основан е во 1976 година, а во континуитет настапува на Европскиот клупски куп по промената на системот на игра во 2000 година. На нашата 40-годишнина во 2016 година беше освоена европската шампионска титула. Денес, кога знаеме дека во 2024 и во 2025 година, на последните два настапи, беа освоени уште две вицешампионски титули, повторно заминуваме со амбиции за висок пласман. Фактот дека во 2019 година во Црна Гора до последното коло игравме за нова титула, во меч кој буквално значеше сѐ или ништо, ќе го искористиме како мотивација за овој настап, со цел овојпат трофејот да заврши во нашите витрини – изјави ИМ Никола Димовски, кој е селектор на интернационалниот тим на ШК Алкалоид.

Македонскиот клуб е треторангиран носител (со просечен рејтинг од 2686), но разликите се многу мали: просечниот рејтинг на прворангираниот клуб Бајеган Пендик од Турција е 2715, второрангираниот СуперЧес од Романија има 2698, Нови Бор од Чешка има 2659, а петторангираниот Нагиканижаи од Унгарија има 2633.

– Моето видување на конкуренцијата е дека двете прворангирани екипи недвосмислено покажуваат дека се подготвени да го доведат секој играч кој е слободен за да постигнат успех. Во случајот со СуперЧес, ценам дека е опасен потегот на нивниот капитен Иван Соколов што еден млад талент од Ерменија, Хаик Мартиросјан, е вклучен во тимот и ќе биде незгоден противник на пониските табли. Кажано со фудбалски речник, нивниот пристап е сличен на клубовите од типот на Манчестер Сити и ПСЖ, додека, пак, Нови Бор и Алкалоид ги сметам за класика, тимови кои се тука со децении и кои демонстрираат посветеност на древната игра. И во нашиот состав има интернационалци, но тие се тука со години. Единствената промена од лани е ротацијата на ИМ Тони Лазов и ВМ Звонко Станојоски. Последниве години немавме особена среќа со ждрепката, а зад секој голем успех стои и малку спортска среќа, онаа што ги следи храбрите, како што кажува поговорката. Излегуваме на терен да се надигруваме, но свесни сме дека половина поен од една партија може да значи пораз за сите шест табли. Такви ситуации имало и ќе има, но цврсто верувам дека нашата мотивација ќе ни биде штит од такви непосакувани моменти – вели капитенот на ШК Алкалоид ВМ Влатко Богдановски.


Целосниот состав на македонскиот шампион брои вкупно осум играчи: ВМ Арјун Еригаиси (2746), ВМ Ји Веи (2758), ВМ Јанји Ју (2704), ВМ Читамбарам Аравинд (2677), ВМ Абиману Пураник (2622), ВМ Александар Инѓиќ (2606), ВМ Велимир Ивиќ (2581) и ВМ Звонко Станојоски (2371).

На турнирот ќе учествува и екипата на ШК Мулти Есенс, која ги обедини најуспешните млади шахисти кои претходно биле дел од младинската школа на клубот, а кои денес ја претставуваат иднината на овој шаховски колектив. Мешовитиот состав го сочинуваат младите Интернационални мајстори Емил Ристески, Филип Панчевски и Тони Лазов; двете дами од женскиот клуб, ЖФМ Моника Стојковска и ЖФМ Моника Жежовска, како и тројца млади шахисти од актуелниот состав: Михаил Јорданов, Матео Ефтовски и Стојан Велкоски. Според просечниот рејтинг, рангирани се на 43. место од 108 пријавени екипи, а во настапот на ШК Мулти Есенс тежиштето се става на играњето квалитетни партии на високо меѓународно ниво, со што ќе се обезбеди континуитет по неодамнешната Шаховска олимпијада, на која во составот на машката и на женската репрезентација играа петмина од овие осуммина играчи.

Првото коло започнува на 17 октомври 2026 година (сабота) во 15 часот.No description available.No description available.No description available.No description available.

No description available.

No description available.

Фото: Архива на ШК Алкалоид

ПретходноАТП подготвува големи промени од 2028 година: Повеќе пари за тенисерите и нов систем на рангирање
СледноДВЛМ СО СИСТЕМСКИ ПРИСТАП КОН ОДГОВОРНОТО ИГРАЊЕ