Пишува: Зоран Ѓоршоски
Во „Женски спортски приказни“ ви ја претставуваме младата и неверојатно храбра Далија Стојановска. Девојката која има само 16 години и не знае за препреки и бариери.
Да се занимаваш со планински велосипедизам, крос-кантри олимпикс (XCO) и цикло-крос (CX) е голем предизвик, особено за една млада дама како Стојановска. Сепак, нејзината волја, упорност, решителност и, како што веќе кажавме, храброст се доказ дека во спортот, па и во животот, она што на прв поглед изгледа невозможно може да стане возможно.
Бариерите се тука за да се прескокнат, целите за да се достигнат, а соништата за да се остварат.
Македонија може да биде горда на вакви спортистки, шампионки и девојки кои знаат што сакаат, кои со гордост ја претставуваат својата земја и на секое натпреварување редат успеси за себе, но и за својата татковина.
Далија е пример дека и во екстремните спортови може да се ужива и да се достигнуваат врвовите.

🚴🏼♀️Кога и каде почна „приказната“ за Далија и нејзиниот интерес за планински велосипедизам и цикло-крос? Што беше одлучувачки фактор за да се заинтересира за овие два спорта?
„Пред едно девет години, мајка ми ме однесе на цикло-крос трка во Будимпешта. Имаше трка во градскиот парк и отидовме да ја гледаме. Ми беше интересно да гледам трка, првпат во животот. На овие трки, прва категорија обично е У5 (под пет години), па се појави едно мало девојче со розов фустан. Беше на една многу голема угорница и го туркаше велосипедот, додека фустанот ѝ се лелееше зад неа. Одеше бавно, но не застануваше и не се откажуваше. Веднаш ѝ кажав на мајка ми: „Сакам да бидам како неа“.
🚴🏼♀️Планинскиот велосипедизам е екстремен и тежок спорт, особено за една девојка од 16 години?
„Крос-кантри олимпиксот (XCO) е доста напорен спорт, дефинитивно екстремен, со многу скокови, дропови, технички делови и угорници. Многу е динамичен и тежок. Трките траат до еден час, со константен пулс од 180, но со добрата техника што ја стекнав уште од мала, благодарение на одличните тренери како Жолт Бур, Тамаш Шош, Виктор Шпециар, Андраш Парти (олимпиец), Вираг Бусаки и мојот сегашен тренер Жолт, успевам да ги совладам сите препреки на трките и да уживам“.

МОЈАТА ПРВА ТРКА…
🚴🏼♀️Се сеќава ли на својата прва трка? Каде и кога беше тоа?
„Секогаш кога ќе се сетам на таа трка, се насмевнувам. Мојата прва трка беше на планината Матра во Унгарија, на Матра маратонот. Тогаш имав само осум години“.
🚴🏼♀️Може да се пофали со многу успеси. Кои се тие? Сепак, на кој успех и пласман е најмногу горда во својата кариера?

„Сум учествувала на многу трки во двете дисциплини и сум се искачила на многу подиуми, но дефинитивно досега најгорда сум на второто место на Балканскиот шампионат во XCO во Чапљина, БиХ, на второто место на XCO трката во Самобор, Хрватска, пред неколку години, на трката на ЕМОФ во Куманово во 2025 година и на првата трка во цикло-крос (CX) оваа сезона, која ја возев минатата недела во Будимпешта. И, се разбира, можноста да учествувам на Европскиот шампионат во XCO годинава во Градиштеи, Романија, претставувајќи ја Македонија во тим заедно со двајца унгарски велосипедисти – Тим Унгарија-Македонија“.
СОНОТ НА СЕКОЈ СПОРТИСТ Е УЧЕСТВО НА ОЛИМПИЈАДА
🚴🏼♀️Сон на секој спортист е барем еднаш да учествува на Олимпијада. Дали тоа е и сонот на Далија? Што треба да направи за да го оствари?
„Дефинитивно, сонот на секој спортист е Олимпијадата, како круна на натпреварувањата, но и на напорните тренинзи и откажувањето од многу работи за да се тренира. Патот до Олимпијадата е долг и тежок. Потребни се учества на многу европски и светски натпреварувања, собирање поени, многу тренинзи, сериозна опрема, многу велосипеди итн. Се надевам и верувам дека еден ден ќе го остварам тој сон“.

🚴🏼♀️Членка е на македонската репрезентација и на два клуба – еден во Македонија и еден во Унгарија?
„Да, од лани официјално сум членка на македонската велосипедска репрезентација во две дисциплини. Многу сум ѝ благодарна на Велосипедската федерација на Македонија што ме покани да се натпреварувам за Македонија.
Тука е и мојот матичен клуб во Скопје, Енерџи сајклинг. Вечно ќе му бидам благодарна на лидерот Љубиша Кондев, кој ме зеде под свое закрила и ме поддржува. Тој е професионалец на светско ниво, кој сè уште се натпреварува. Освен што е лидер на тимот, тој ми е и инспирација.

Морам да ја споменам и Дуња Иванова од тимот, која навистина руши граници. Се надевам дека еден ден ќе ѝ се придружам во испишувањето на македонската историја во велосипедизмот.
Во Унгарија сум членка на тимот Cube Csömör, предводен од тим-лидерот Тибор Валтер, татко на познатиот велосипедист Атила Валтер. Многу сум му благодарна на мојот тренер Жолт Јухас, кој ми го изработува планот за тренинзи, ме тренира и има трпение и разбирање за мене во секое време“.
ВИСТИНСКИ ПОЛИГЛОТ, ЗБОРУВА НЕКОЛКУ ЈАЗИЦИ
🚴🏼♀️Интересно е што Далија е вистински полиглот. Зборува неколку јазици, и тоа македонскиот, унгарскиот и англискиот, а се служи и со германскиот, за кој зема часови.
„Имам среќа да растам во интернационална средина и зборувам три јазици: македонски, унгарски и англиски. На училиште учам германски. Во овој модерен свет, секако, познавањето јазици е предуслов за да напредуваш во секој поглед, не само во спортот“.
🚴🏼♀️Кога не е на тренинг, натпревар или на училиште, како Далија го минува слободното време?
„Сакам да се дружам со моите другарки и другари. Многу сакам да патувам, да готвам и да пробувам различни кујни, а кога имам време, свирам виолина. Сите тие активности ми помагаат да соберам сила за на следниот тренинг или натпревар да бидам уште посилна и подобра“.

КОГА Е НАЈТЕШКО…
🚴🏼♀️Кога е најтешко на патеката и заморот си го прави своето, со кои мисли и зборови Далија се мотивира да оди и над своите граници?
„Кога е најтешко, секогаш си велам: „Диши длабоко, диши!“ Доколку немам енергија да возам побрзо, си велам: „Да, тешко е, но мораш да продолжиш. Болката е привремена, а доколку се откажеш, нема враќање назад“. Не се ретки таквите моменти, но желбата да се стигне до целта е многу поголема од привремената болка. Не сум личност што лесно се откажува“.
🚴🏼♀️Која е нејзината омилена патека, онака по нејзин вкус, и на која патека едноставно не ѝ се вози?
„Омилените патеки се менуваат, претпоставувам како што растам и технички се усовршувам. Доколку ме прашавте лани или преклани, ќе кажев Самобор, Хрватска, но денес би рекла Чапљина, БиХ. Одамна не сум возела на толку екстремно стрмна угорница со камења, која трае и трае, но на крај ја засакав токму поради нејзината тежина. Патека што не ми се допадна особено беше една во Словачка, со страшни скокови, стрмни делови и многу долги угорници. Тогаш ми беше вистински предизвик. Таа трка ја возев кога сè уште бев помлада и можеби затоа таа патека не ми „легна“.
СО ГОРДОСТ ЈА ПРЕТСТАВУВАМ МАКЕДОНИЈА

🚴🏼♀️Гордост е да го носиш дресот со државниот грб на Македонија. Какво е чувството да ја претставуваш својата земја, а притоа да бележиш успеси и да освојуваш медали за Македонија?
„Гордост ми е што се натпреварувам на вакво ниво за мојата татковина и што досега успеав да постигнам вакви резултати. Се надевам дека ќе продолжам и во иднина. Не може да се опише чувството кога ќе се качам на подиумот – адреналинот, возбудата, отчукувањата на срцето. Тоа не може да се раскаже или опише, може само да се доживее“.

🚴🏼♀️Каде се гледа Далија за неколку години во овој спорт? Освен настапот на Олимписките игри, кои се нејзините лични амбиции во овој екстремно тежок, но прекрасен спорт?
„Многу се радувам што следната посериозна трка ќе ми биде Балканскиот шампионат во цикло-крос за 2026 година во Романија. Сакам да учествувам на што повеќе европски и светски трки и, се разбира, да настапам на Олимпијада“.
СЕМЕЈСТВОТО МИ Е ГОЛЕМА ПОДДРШКА
🚴🏼♀️Колку ти значи поддршката од семејството? Веројатно таа поддршка ти дава уште поголема мотивација за нови успеси?
„Да, семејството е зад мене и многу сум благодарна што е со мене на трките и ме поддржува. Ги разбира моите потреби пред и за време на трките и засега ме спонзорира. За оние што не знаат, овој спорт е многу скап. Во моментов имам четири велосипеди за три различни дисциплини, кои ми се неопходни за тренинзи и натпревари. Сето тоа е благодарение на моето семејство и на помошта од македонскиот и унгарскиот тим“.

🚴🏼♀️Твојата порака до девојчињата и младите воопшто: зошто е убаво да се занимаваат со спорт, особено со планински велосипедизам?
„Откако се занимавам со спорт, мислам дека станав многу подисциплинирана. Спортот те тера да ги поместуваш сопствените граници и да постигнуваш уште подобри резултати. Исто така, многу ми се допаѓа тоа што тренирам во природа.
За крај, би рекла дека по сите тренинзи, благодарение на овој спорт, за мене нема поубаво чувство од тоа да знаеш дека си станал посилен и дека напорните тренинзи се исплателе, дека можеш да ги постигнеш резултатите за кои си сонувал – не само за себе туку и за државата“, заврши Стојановска.
***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***
Голема благодарност до нашите партнери: ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.





