Моќно издание на Алкалоид на првата европска пресметка!

111

Алкалоид победнички ја отвори новата сезона на европска сцена. Тренерот Кирил Лазаров и неговите момци на првата средба против Ферлах на домашен терен славеа со 31-22 (16-11) во првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп. На оваа средба поради повреди во составот не беа Ненад Костески и Вуко Борозан.

Марко Митев со осум гола беше прв стрелец во редовите на Алкалоид, зад него беше Никола Костески со шест. Галевски запиша 10 одбрани, две од нив од седум метри.

Македонскиот тим уште на стартот ја најави победата, после 12 минути игра поведе со 6-2. Гостинскиот состав во ниту еден момент не беше вистинска закана за Алкалоид, кој на одморот имаше позитива од пет гола (16-11).

Избраниците на Лазаров во исто темпо продолжија и во вториот дел, на стартот на 40-тата минута имаа најголемо водство од шест гола (20-14). Во 48. минута, Алкалоид остана без Николов, кој го заработи третото исклучување, откако протестираше кај судијата. Сето ова не се одрази врз играта на нашиот тим, кој сигурно чекореше кон победата. Во 56-та минута, Никола Костески зголеми на 30-21 и ја најавија убедливата победа.

Реванш натпреварот се игра за една недела на теренот на Ферлах.

ПретходноБаерн да не влезе во ритам: Лајпциг замина со шест парчиња!
СледноБарса немилосрдна: „Петарда“ за Бетис среде Севиља