Највисокиот кошаркар во НБА-лигата пристигнува кај Леброн

0
Фото: Филаделфија Сиксерс/Фејсбук

Тако Фол, највисокиот кошаркар во НБА-лигата со 229 сантиметри, доби нова шанса во најсилната кошаркарска лига во светот, откако Филаделфија го претвори неговиот договор во двонасочен.

Сиксерс се одлучија на овој потег за да ја засилат конкуренцијата под кошевите, откако Ариел Хукпорти заработи тешка повреда на Ахиловата тетива.

Фол претходно имаше договор од типот „Exhibit 10“ со Филаделфија, а сега ќе се обиде да се избори за враќање на НБА-паркетите.

Клубот, покрај неговите физички предиспозиции, го препозна и неговиот придонес за атмосферата во соблекувалната, како и она што го покажа на теренот пред да заработи повреда на колкот на 1 октомври.

Фол минатата сезона ја помина во Кина, каде што настапуваше за Нингбо Рокетс. На 38 натпревари во просек бележеше 11,2 поени, шест скока и 2,2 блокади, со исклучително висок процент на реализација од игра од 80,1 отсто.

Последен пат во регуларниот дел од НБА-лигата настапуваше во сезоната 2021/22, кога го носеше дресот на Кливленд. За Кавалирс одигра 11 натпревари, со просек од 1,1 поен и 2,1 скок за 5,4 минути поминати на паркетот.

Пред да пристигне во Кливленд, Фол помина две сезони во Бостон, откако не беше избран на НБА-драфтот во 2019 година. Во трите сезони во НБА-лигата одигра вкупно 37 натпревари, со просек од 2,2 поени и 2,4 скока.

Двонасочниот договор ќе му овозможи да настапува и за Филаделфија и за нејзиниот развоен тим, додека ќе се обидува повторно да се избори за место во ротацијата на НБА-екипата.

ПретходноСопственикот на Феникс го нападна Дурент, па доби веднаш одговор!