Македонецот Давор Здравковски ги бележи најдобрите моменти од својата фудбалска кариера. Со настапите за екипата на АЕЛ Лимасол на Кипар, тој блеска во оваа земја. Ем Македонец, ем на Кипар во тим во кој директор му е друга наша легенда – Иван Тричковски.
АЕЛ е на првото место во Кипар по 11 кола, а Здравковски е капитен на тимот за кој успешно настапува и една суперѕвезда како Стеван Јоветиќ. Викендов, иако АЕЛ го загуби градското дерби од Арис, во фокусот беше јубилејниот, 200. натпревар на Давор Здравковски за тимот од Лимасол.
Фудбалерот кој е „дете“ на Македонија ЃП веќе осма сезона е дел од оваа екипа, иако во меѓувреме мина две години во шкотски Мадервел. Оваа наша „десетка“ своевремено беше и капитен на македонската репрезентација до 21 година, за која одигра дури 27 натпревари.
За жал, никогаш не ја доби шансата да го докаже својот потенцијал и квалитет во сениорската репрезентација. И како да ја добие кога таму имаме „безброј“ играчи кои се капитени на екипите во странство (па и дома) и кои имаат настапи што другите ги гледаат, но не и оние кај нас кои се задолжени за тоа.










