Богатинов е доктор за фудбал, затоа Тиквеш „гази“ се пред себе

132

Фудбалот во Македонија од ден во ден е се полош и полош и затоа трибините по стадионите се празни, условите за гледање мизерни, а терените на кои се игра очајни! И во едно такво „сивило“ и многу равенки со многу познати одговори се случува проектот „Тиквеш“! Освежување кое е пријатно, проект кој се гледа дека гази на цврсти темели и на познавање на фудбалскиот бизнис.

Избор на квалитетен и школуван тренер, а потоа и селекција на странци која е погодена во срж. Тоа што Тиквеш денеска го прегази Вардар на стадионот на ФФМ и тоа е чудо за многумина, но очекуван епилог за оние кои секојдневно гледаат и акумулираат информации за случувањата во домашниот шампионат.

Оливер Богатинов е нов тренер на Тиквеш. Така гласеше веста таму некаде во јуни кога 99% од фудбалската јавност ниту знае ниту има инфо за новиот шеф во Кавадарци. Некогашниот фудбалер кој имаше понуди да игра за Македонија, прерасна во добар тренер. Тренер кој во Словенија е респектиран, ценет и успешен. Можеби нашите тренери (а пола лига е без тренери со ПРО лиценца), ќе научат нешто од оние кои надвор се школувале.

„Добивте доктор по фудбал…“

Да таму кон јуни месец, во разговор со колегите од Словенија и покрај другите новинарски теми се спомена и името на Оливер Богатинов. „Уф па ви сте добили доктор по фудбала…“, како од пушка беше реакцијата од Словенија за ангажманот на Богатинов во екипата на Тиквеш од Кавадарци. Некој добро анализирал и скаутирал, а секако тоа е „оспоруваниот“ Цесар Браво.

Турскиот менаџер кој се договори со општина Кавадарци да инвестира и да менаџира со екипата. И барем засега тоа му оди добро. Нема фудбал преку ноќ и нема титули веднаш. Таквите проекти со сила се читаат брзо. Ова со Тиквеш изгледа одлично. Супер избор на фудбалери и микс со млади таленти од земјава кои добро и брзо се вклопуваат во мозаикот на Богатинов. И Вардар има добар тренер, но нема „килер“ играчи. Да има некоја шема или комбинација и да треба некој менаџер да бира играч во Вардар за трансфер надвор. Нема…!!!

Фудбалерите на Вардар се во очајна форма, играат и собираат бодови поради индивидуалните квалитето на Горан Закариќ и на уште 2-3 играчи, а најмногу поради знаењето и вадењето на максимумот со овој ростер од страна на тренерот Божовиќ! Ги нема летните засилувања од Аргентина, нема квалитет во ростерот на првакот. Тенко е сето тоа, а Гроф Божовиќ го вади максимумот.

Ете на „тесно“ не го фати Тиквеш кој со исти 1:3 на ФФМ ја прегази и Шкендија. Нема со силна екипа „тесно“ и “широко“… Треба селекција и знаење, а како стојат работоте ништо чудно Грофот на зима и да му ја „кидне“ од Вардар.

Со „кварцани“ експерти за фудбал не може да се оди напред, нема тука иднина, освен моменталниот интерес. Со сила ништо не бидува… Да се остане барем во шампионатот конкурентен па на зима да се случи некое чудо некоја „магија“ која може да го спаси клубот – да ги врати навивачите. Греота е ваков Вардар и празни трибини… Мизерија!

ПретходноВардар најави жалба за неправилен настап на играч на Тиквеш
СледноСилекс со убедлива победа во Битола обезбеди куп-четвртфинале (ВИДЕО)