Вардар со три бода го заврши својот настап во Лигата на шампиони. Актуелниот македонски првак после четири години се врати во ова натпреварување, а на последните два меча успеа да одигра на подобро ниво од претходното. Вечерва имаше шанса за победа, но на крајот извлече реми против Мелсунген (26-26).
„За жал мечот заврши нерешено и тоа со феноменална борба и публика иако правевме грешки во напад и во одбрана. На ова ќе гледаме како една лекција за да напредуваме за во иднина“, изјави Урош Митровиќ.
Тренерот Иван Чупиќ потенцира дека Вардар повторно поради своите грешки беше казнет.
„Честитки до Мелсунген што се пласираа понатаму и да им се заблагодарам за фер натпреварот. Ние бевме близу, ама на крајот пак плативме скапа лекција. И на уште еден натпревар се гледа дека екипата покажува голем карактер, дека се сите како еден и вистински тим.
По шест натпревари можам да кажам дека ни недостигаше малку искуство, па и среќа. Не сум задоволен само од бројот на бодови по оваа група, но генерално се презентиравме во одлично светло. Македонскиот и балканскиот ракомет го покажавме навистина добро. Ако го исклучиме мечот со Висла дома, на сите натпревари бевме конкурентни до самиот крај. Резултатски гледано, не можеме да сме задоволни. Дали беше реално да поминеме или не, нека оценат други. Вардар е едно семејство кое секогаш сака повеќе од тоа што може, па ете може да се каже дека не успеавме во нашата внатрешна цел. Тешко е да се зборува за Европската лига додека не знаеме кои се ривалите. Додека не се решат групите, не можеме да планираме. Ќе се обидеме да се презентираме во добро светло и таму, а ќе одиме чекор по чекор.










