Добри вести: Компани е пуштен од болница, позната е причината за неговото колабирање

0

Тренерот на Баерн Минхен, Венсан Компани, е пуштен од болница пет дена откако колабираше во тренинг-центарот на германскиот клуб. Спортскиот директор на Баварците, Макс Еберл, откри дека причината за инцидентот е иритација на мозочните обвивки што ги обвиткуваат мозокот и ‘рбетниот мозок. Оваа состојба може да предизвика болни мускулни грчеви.

Четириесетгодишниот Белгиец беше пренесен во болница минатиот петок, откако му се слошило додека го следел тренингот на вториот тим на Баерн.

„Мислам дека ова е најголемата и најдобрата вест за сите нас. Утврдено е што ја предизвикало состојбата. Токму иритацијата на мозочните обвивки доведе до инцидентот минатиот петок. Веќе му дозволија да се врати дома, каде што ќе продолжи со закрепнувањето. Во неговиот случај, тоа значи одмор и терапија со лекови“, изјави Еберл за „АРД“.

Тој изрази уверување дека Компани наскоро ќе се врати покрај аут-линијата, но нагласи дека тренерот ќе го добие целото потребно време за закрепнување.

„Од самиот почеток зборуваме за недели“, додаде спортскиот директор.

Според информациите во германските медиуми, Компани ја загубил свеста и имал грчеви при падот, при што го исчашил и рамото. Сè уште нема конкретен датум за неговото враќање на работата со тимот.

Во негово отсуство, помошникот тренер Арон Данс го презеде раководењето со Баерн и беше на клупата на победите против Фрајбург и Магдебург.

Компани е на чело на Баварците од 2024 година и веќе го предводеше тимот до две титули во Бундеслигата. Пред да го преземе германскиот гигант, Белгиецот работеше во Андерлехт и Барнли, а како фудбалер помина 11 години во Манчестер Сити, со кој освои четири титули во Премиер-лигата.

ПретходноЧупиќ пред дербито со Пелистер: Фаворитската улога е наша, мора да победиме!